Достапни линкови

Се откажува ли Србија од европската иднина?


Во Предлог резолуцијата за Косово што се најде пред пратениците во српското собрание меѓу другото стои дека меѓународните договори што Србија ги потпишува, вклучувајќи ја и Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, мора да бидат во функција на зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет за земјата. Дали Србија се откажува од својата европска иднина?

Одредбата во резолуцијата според која меѓународните договори што Србија ги склучува треба да бидат во функција на зачувување на територијалниот интегритет на земјата, ја доведоа Србија во позиција - без оглед на високата подршка од страна на граѓаните за влез во Европската Унија, тој пат да биде многу понеизвесен отколку што до скоро се чинеше. Резолуцијата ја усогласија владеачките партии во земјата. Претседателот на Србија Борис Тадиќ вели дека јавноста не смее да се залажува и додава дека Европската Унија е крајна цел на земјата:

„ Битно е да знаеме што ни е крајна цел. Значи нетреба било кој да ги залажува граѓаните, да се менуваат тезите. Ние одиме кон Европската Унија. Не се откажуваме од нашето членство во Европската Унија, ниту од нашата политика кога е во прашање територијалниот интегритет и иднината на Косово.“

вели Тадиќ. Може ли под влијание на политиката да се промени расположението на граѓаните и Србија да скршне од проевропскиот курс. Директорот на агенцијата за испитување на јавното мислење ,,Стратеџиќ маркетинг“ Срѓан Богосављевиќ изјавува:

„Граѓаните на Србија во голема мера се определени кога станува збор за референдумско прашање. Значи, масовно би сакале да влеземе во Европската Унија. За тоа се определени некаде околу 60 отсто од вкупното население што веројатно како референдумски резултат би било повеќе од 80 проценти. Меѓутоа ако се погледне малку подлабоко ќе се види дека 60-70 отсто од оние кои што се ,,за“ гледаат лична корист за себе во тоа, а само 20 отсто имаат доверба во Европската Унија. Едноставно мислам дека целата приказна околу Европската Унија сега е поставена како контратежа за Косово и всушност стана многу ранливо прашање во Србија.“

Без оглед на тоа што во политичкиот дел 2007-та година измина во знакот на борба за Косово, како и со јасно условување на дел од владеачката коалиција околу премиерот Воислав Коштуница на процесот на евроинтеграциите со зачувување на територијалниот интегритет на земјата, политикологот Јово Бакиќ не верува дека стратешката определба на српските граѓани за членство во ЕУ може толку да еродира со што земјата би скршнала од тој пат.

„Мислам дека овде сеуште има проевропска енергија која нема да дозволи Србија да тргне во некоја насока која би била антиевропска. Иако некои радикали од Демократската партија на Србија би можеле тоа да го изменат.“
XS
SM
MD
LG