Достапни линкови

Зголемен бројот на продавачи на пиротехнички средства


Во пресрет на новогодишните празници зголемен е бројот на продавачи на пиротехнички средства информираат од надлежните органи. Нивната употреба веќе се чувствува. Дел од граѓаните се жалат дека петардите најмногу ги вознемируваат, а поради повредите што може да ги предизвикаат при неправилната употреба некои од нив бараат да се забрани нивната продажба.

„Пречат, ужасно пречат. Треба навистина нешто да се преземе.“
„Да се санкционира тоа, да се забранат, да ги нема, што е тоа, петарди!?“


Некои од граѓаните признаваат дека пред претстојните празници си дозволуваат да купат кутија петарди, а на новогодишната вечер да ги употребат:

„И јас купувам. Тоа е.“

Од министерството за внатрешни работи велат дека продажбата на пиротехнички материјали не е забранета, а законот строго пропишува каде и во кои услови тоа може да се прави. Забраната се однесува само на нелегалната трговија со овие материјали.

„Генерално кога се работи за препродажба на црно, никој не смее да купи, така што и тој што купува петарди е практично соучесник во делото прекршочно или кривично,“

изјави портпаролот на МВР Иво Котевски

Тој додава дека согласно законската регулатива предвидени се неколку казнени мерки за нелегалните продавачи на распрскувачки материјали:

„Лицето коешто е казнето, односно коешто ќе добие прекршочна пријава и ќе биде казнето, може да си ја плати казната, којашто воопшто не е мала согласно новиот закон.“

Од почетокот на годинава биле заплениле над 360 000 парчиња пиротехнички материјал. Против седумдесетина лица се поднесени кривични и прекршочни пријави.
XS
SM
MD
LG