Достапни линкови

Едностраното прогласување независност на Косово во контрадикторност со меѓународното право


Професорот од Институтот за меѓународна соработка во Женева Марсело Коен смета дека едностраното прогласување на независност на Косово ќе биде во контрадикторност со меѓународното право. Тој во разговорот за Радио Слободна Европа додава и дека Советот за безбедност на ОН досега нема утврдено дека Косово има право на самоопределување.

Според професорот Марсело Коен евентуланото еднострано прогласување независност од страна на Косово ќе биде во контрадикторност со меѓународното право. Тој посочува дека гледано според меѓународното право Советот за безбедност би морал да донесе одлука дека таа декларација е нелегална:

„Гледано од аспект на меѓународното право Советот за безбедност би требало да утврди дека таа декларација е нелегална, како што на пример беше сторено во случајот на прогласување независносност од страна на т.н. Турска Република Северен Кипар. И во овој случај Советот за безбедност би можел да го стори истото, но тоа е политичка одлука, бидејќи како што е познато Советот за безбедност е политички, а не правен или судски орган. Тогаш секоја држава би одлучувала самостојно како ќе постапи во однос на таа еднострана декларација за прогласување независност.“

На прашањето дали Советотот за безбедност може да прогласи територија на една држава за независна, без согласност на државата, професор Коен вели:

„Не, не може и како што е познато не постои таков преседан. Советот за безбедност неможе да стори такво нешто без дозвола на државата по тоа прашање. И тоа нема никаква врска со примената на принципот на самоопределување. Имено, Советот за безбедност никогаш досега нема утврдено дека Косово има право на самоопределување.“

Во врска со изјавите дека Косово е единствен случај и дека тоа неможе да претставува преседан за други региони во светот, Коен забележува:

„Нешто се работи, а се тврди дека тоа не се работи. Тоа е случај овде. Потоа ќе дојде друг случај и тој повторно ќе биде ,,единствен“. Мислам дека тоа е чист политички изговор. По што овој случај е единствен? Што е разликата меѓу овој случај и некои други? Се разбира јас сум многу свесен за извршените злосторства против човештвото на Косово, и сметам дека одговорните за тоа мора да бидат процесуирани, но не сметам дека начинот за тоа да се реши треба да биде непочитување на меѓународното право и нарушување на територијалниот интегритет на постоечките држави.“

вели професорот Марсело Коен од Институтот за меѓународни студии во Женева.
XS
SM
MD
LG