Достапни линкови

Законот за полиција мора да се почитува, консултациите со опозицијата продолжуваат


Законот за полиција мора да се почитува, а МВР е отворено за консултации со градоначалниците од редовите на ДУИ кои најавија дека нема да го применуваат во пракса, вели за Радио Слободна Европа министерот Гордана Јанкуловска:

„Доколку во првата фаза од било кои причини не се одлучат да изберат командир од листата која е предложена, ќе направиме дополнителни консултации, ќе ги согледаме нивните забелешки по однос на процесот на номинирање на кандидати.“

Градоначалникот на Арачиново Музафер Беслими пак, има забелешки не само за предложените командири туку и за законското решение:

„Конкретно за мојата општина Арачиново воопшто нема врска овој закон, затоа што нашата полициска станица од полициска станица преминува во полициска испостава за нас, Петровец и Илинден, а командир ќе избира Советот на општина Гази Баба.“

Додека Јанкуловска се повикува на тоа дека ваквото законско решение беше изгласано во парламентот, Беслими потенцира дека при гласањето не беше употребен Бадинтеровиот принцип. Сепак, и тој очекува да се постигне согласност:

„И како партија го бараме тоа и како градоначалници.“

И градоначалниците од редовите на опозицискиот СДСМ се незадоволни од законот, но го почитуваат во пракса. Советниците го избираат командирот, по предлог на министерот, а градоначалникот нема никакви ингеренции, вели првиот човек на Охрид Александар Петревски:

„И самото тоа што министерката го предлага, Советот го гласа, а јас треба најдиректно да работам со командирот, кажува за несредени работи.“
Јанкуловска пак вели дека командирите мора да бидат прифатливи за раководниот тим на МВР:

„На крајот на краиштата командирите на полициските станици се вработени во МВР и тие имаат права и должности како вработени во МВР и одговараат пред раководството на МВР, впрочем како што одговараат и го избесуваат советот на засегнатата општина.“
XS
SM
MD
LG