Достапни линкови

Ќе се усогласат ли ставовите за борците на ОНА и законот за јазиците?


Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, ДПА, СДСМ и ДУИ денеска треба да одржат нова лидерска средба за усогласуавање на приоритетните закони за евро атлантска интеграција. На дневен ред ќе бидат разговорите за двете отворени прашања, тоа е решавањето на проблемот за материјално финансиско осигурување на жртвите од конфликтот и за законот за употреба на јазиците. Најверојатно ќе биде постигната согласност прашањето за жртвите од конфликтот да биде решено во рамките на постојните закони, односно како социјален пакет кој треба да се дефинира:

„Што се однесува до инвалидите и сите тие кои настрадале 2001 година секако дека мислиме дека треба да се бара решение во постоечките закони.“

„Во рамките на постојната социјална политика, постојното законодавство, со социјални пакети ќе се решава овој проблем,“

изјавија Рафиз Алити од ДУИ и Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ.

Околу решението за употребата на јазикот од владеачката ВМРО-ДПМНЕ велат дека се согласуваат да се донесе посебен закон по Нова година, со цел ова прашање конечно да се затвори.

„Во 2008 година, во месец јануари, ако се изнајде некое заедничко решение меѓу главните политички партии, во Собранието би можело наскоро да дојде една драфт верзија на законот за употреба на јазиците и по неа пратениците да може да се изјаснуваат.“

Но, ДУИ и натаму стојат на барањето што за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо, дека употребата на јазикот треба да биде на ниво на целата дражава:

„Ние мислиме дека прашањето на јазикот треба да се реши во согласност со Амандманот 5 од Уставот, што значи албанскиот јазик треба да биде службен јазик во Република Македонија.“

„Нашата позиција е од постојните решенија во законодавството на Република Македонија и рамката која е дадена во Уставот на дражавата. Тоа да биде основа за изработка на драфт верзијата и собирање од сите закони решенија кои се однесуваат на употребата на јазикот. Значи, тука е разликата. “

Премиерот Груевски изјави дека очекува денешната лидерска средба да биде успешна, како и претходните две и дека ќе се најде решение за сите отворени прашања:

„Повеќе или помалку со успех ќе излеземе од таа средба и тоа е добро за земјата, особено сега пред влезот во НАТО.“

Партиите до сега ги усвоија законите за јавно обвинителство, го прецизираа составот на комитетот за односи меѓу заедниците, како и 45 закони што ќе се усвојат со Бадинтерово мнозинство.
XS
SM
MD
LG