Достапни линкови

logo-print

Можна ли е радикализација и поделба на патриоти и предавници?


Можно ли е на политичката сцена во Србија да дојде до радикализација и до поделба на така наречени патриоти и предавници во случај на евентуално прогласување на независност на Косово? Имено, веќе можат да се слушнат прогласувања на некои партии, невладини организации и интелектуалци, за предавници на националните интереси поради тоа што сметаат дека независноста на Косово е реалност.

Решавањето на статусот на Косово, доколку исходот биде некој вид независност, сосема извесно ќе предизвика остра поларизација на политичката сцена во Србија. Уште од сега е видливо дека некои партии со десна ориентација ја потенцираат тезата дека покрај меѓународната заедница, најголеми виновници доколку Косово добие независност ќе бидат оние кои ја прифаќаат политичката реалност. Душан Пророковиќ државен секретар за Косово вели дека во српската јавност години наназад се води дефетистичка кампања во врска со Косово:

„Во српската јавност веќе седум години имаме континуирана кампања дека се е готово, дека се е завршено, дека не вреди за ништо да се бориме... Развојот на настаните од средината на 2005-та година до сега најдобро ги демантираше сите песимисти и дефетисти. Мислам дека успехот на српската дипломатија и политика е несомнен.“

вели Пророковиќ. Интересно е меѓутоа дека една од партиите во владеачката коалиција Г 17 плус, своевремено во својата Декларација за прогласување на Србија за самостојна држава, предвиде да биде овоможено враќање и да се гарантира целосна автономија на српското малцинство на Косово, што имплицира прифаќање на независноста на Косово, како политичка реалност. Потпретседателот на оваа партија Сузана Грубјешиќ вели дека секако оти решавањето на статусот на Косово ќе придонесе за поларизација на политичката сцена во Србија:

„И тоа така што на една страна ќе бидат т.н. патриоти, а на другата страна се оние кои што ја прифаќаат реалноста, иако не се помируваат со тоа. Секако на никому не му е драго тоа што Косово најверојатно ќе прогласи независност, но тоа е реалност. Очекувам дека во наредните неколку месеци ќе бидеме сведоци на некој квазипатриотски занес, нешто што веќе го имаме гледано во минатото.“

истакнува Грубјешиќ. Дека јавниот линч во Србија е присутен сведочи и своевидниот перформанс што неодамна во Белград го изведоа две организации на младите срби од Косово, доделувајќи им „награди„ на некои српски политичари и интелектуалци поради нивното наводно залагање за независност на Косово. Еден од членовите на ЛДП Никола Самарџиќ исто така се согласува дека во моментот кога Косово ќе стане независно властите во Белград ќе почнат потрага по непријателите:

„Мислам дека таа појава ќе биде минлива, имајќи во предвид дека Косово е траума, но не е приоритет.“

посочува Самарџиќ додавајќи дека вистинска траума за спрското општество е транзицијата.
XS
SM
MD
LG