Достапни линкови

Еден ден неработење на РЕК Битола чини 250 илјади евра, проценка на експертите


И покрај исклучувањето на третиот блок на РЕК Битола, енергетскиот систем во земјава е стабилен смируваат од Електрани на Македонија. Оттаму велат дека ова не е причина и за се почестите прекини во снабдувањето со електрична енергија во одредени населби.

„Електро енергетскиот систем во Република Македонија е стабилен и сите останати капацитети на Електрани на Македонија се во функција,“

изјави портпаролот на ЕЛЕМ, Мирче Котевски

За експертите испадите на термоблоковите на РЕК Битола што се случија повеќе пати годинава, се резултат на лошо направените ремонти.

„Сега ќе крпиме до пролет 2008 година, кога ќе треба ремонтите добро да се направат. Значи, сега практично нема брзи решенија. Како што една лошо ремонтирана кола ќе ве мачи цела зима, ќе застанува, не можете да правите ремонти затоа што мора да ја возите колата, односно мора да го возите блокот,“

Изјави проф. Атанаско Туневски од Електротехничкиот факултет во Скопје

Надлежните велат дека дефицитот на струја во деновите кога блокот не работи ќе се надополни со увоз од Бугарија и Грција, но ова решение според Туневски ќе ја чини премногу државната каса.

„Еден ден неработење на РЕК Битола изнесува 250 илјади евра, тоа се сериозни пари, четири дена неработење чини милион евра.“

Од дистрибутерот ЕВН пак велат дека причина за евентуалните прекини на електроснабдувањето во одредени населени места се енормното користење на струја и нелегалното и неконтролирана употреба на електрична енергија.

„Во оние места каде што имаме кризни ситуации на снабдување, се поради нелегално користење на електрична енергија, што е повеќе од постоечкиот капацитет инсталиран во моментов,“

изјави Ленче Карпузовска од ЕВН. Оттаму велат дека нивните екипи работат на брзо санирање на постоечките дефекти, а притоа нелегалните корисници се казнуваат. Сепак признаваат оти проблемите неможат да ги решат за брзо време.

„Минатата година инвестиравме доста во сите тие критични точки, но факт е дека не може преку ноќ да се решат сите тие проблеми, од причина што 15 години не е инвестирано во таа мрежа, а потрошувачката се зголемила многу повеќе, а немаме регистрирано којзнае колку нови приклучоци.“

Поради потребата од интервенција на цевоводниот систем во термоблокот. Ова е третпат годинава да биде исклучен третиот блок на РЕК Битола. Од ЕЛЕМ најавуваат дека блокот ќе биде пуштен во употреба во текот на утрешниот ден.
XS
SM
MD
LG