Достапни линкови

Грција е сериозна држава која два пати пред самитот на НАТО ќе размисли дали би употребила вето


Да се се има право на вето е исто како да се има право на атомско оружје. Дали тоа атомско оружје ке биде искористено или не зависи од сериозноста на секоја држава која го поседува ова право, изјави минисрот за надворешни работи Антонио Милошоски по денешната средба со дел од македонските дипломатски претставници во светот.

„Сметам дека Грција е сериозна држава, која два пати ќе размисли пред самитот дали би употребила една таква можност, бидејќи штетните последици и за регионот, но и за оној кој би употребил такво право би биле видливи. “

За Милошоски последните сугестии од Брисел да се постигне компромис околу името и да се затвори ова прашање пред самитот на НАТО во Букурешт, најдобро е овој процес да продолжи и да не биде оптоварен со закани од другата страна.

„Мислам дека Грција е во дилема и таа дилема ќе треба да биде расчистена во наредните неколку месеци. Ние сме подготвени да продолжиме со дијалогот, и секој би бил радосен вклучително и ние тоа да е можно, но во рамките на можното, сметам дека овој процес е добро да трае, да тече, да не биде прекинуван и да не биде оптоварен со закани и уцени. Тоа нема да помогне во создавањето поволна атмосфера за дискусија по однос на спорот кој Грција го има со нашето уставно име.“

Милошоски додаде дека од амбасадорите добил уверување оти сите земји членки кадешто не претставуваат го сметаат проширувањето на НАТО за успех, и токму затоа Македонија има сериозни шанси за добивање покана за членство во Алијансата. Со слични очекувања и претседателот Бранко Црвенковски кој на денешната средба со постојаниот претставник на Германија во НАТО, Улрих Бранденбург изразил надеж оти билатералниот спор со Република Грција нема да влијае на НАТО интеграцијата и дека република Македонија од сите земји членки ќе ја има согласноста да ја добие поканата за членство. Нема сомневање дека постигнавте значаен напредок во остварувањето на реформите, рече Бранденбург, но предупреди дека за влез во НАТО потребно е завршување на преостанатите обврски. Бранденбург во земјава доаѓа по неодамнешните посети на амбасадорот на Британија во НАТО Стјуарт Елдон и американската амбасадорка во Алијансата Викторија Њуланд.
XS
SM
MD
LG