Достапни линкови

Цените растат, можност за брза заработувачка на продавачите?


„Сирењето Шипка го купив пред некој ден 200 денари, сега жената ми вели 250.“

Оваа Скопјанка е една од многуте граѓани кои пред претстојните празници велат дека нема да бидат изненадени од нови поскапувања на прехранбените производи.

„Толку многу експерти имаме, толку многу учени луѓе, па нека пресметаат дали може човек да преживее со она што го прима.

Иако е вообичаено во овој период од годината цените да се зголемуваат, граѓаните вината ја гледаат кај трговците и продавачите односно во можноста за брза заработувачка.

„На нив им се пружа шанса тогаш и ги покачуваат цените.“
„Нашиот народ се избезобрази, секој гледа да уграби.“


Сосема поинаку размислуваат оние кои се на другата страна. Продавачите не признаваат дека цените ги зголемиле.

„Годинава малку е пониска цената за разлика од другите години.“

Сепак има и такви кои велат дека висината на цените се зголемила, но според нив ова зависи од производителите, а не од нив. Иако граѓаните реагираат на високите цени, а тоа се одразува на слабата побарувачка, продавачите сепак најавуваат поскапувања.

„Па, така се очекува, оди многу надвор и затоа очекуваме поскапувања,“

вели продавачот Екрем Гугаловски.

Во услови на пазарно стопанство, нема механизми за заштита на потрошувачите од нов бран поскапувања, велат од Организацијата за заштита на потрошувачите. Татјана Тасевска од ова здружение вели дека тие можат да реагираат само кај цените кои ги формира државата.

„Тоа сигурно влијае врз стандардот на луѓето, дека можеби ќе има инфлација, дека платите практично ни останаа исти, а цените одат нагоре и тешко е да се живее во овој момент, но механизам за тоа да може да го регулираме нема.“

И од надлежните инспекции велат дека немаат ингеренции со кои можат да ги заштитат граѓаните од новите поскапувања на производите, чија цена ја диктираат условите на пазарот.
Во вакви услови граѓаните остануваат незаштитени и како што велат последиците од зголемените цени веќе се одразиле на семејниот буџет.
XS
SM
MD
LG