Достапни линкови

Благоја Марковски, Претседател на Балканскиот форум за безбедност: Можни се извесни турбуленции, но не и покрупна дестабилизација во контекст на косовското прашање


Регионот се наоѓа во чувствителен период во контекст на решавањето на статусот на Косово. Какви се проценките на Балканскиот форум за безбедност за влијанието врз стабилноста во регионот и врз Македонија?

Очигледно е дека следната година ќе биде година на одлучување на состојбите во регионот на Балканот, меѓу нив и решавањето на проблемот со Косово. Овој проблем за жал е проблем на Македонија колку ние да сакаме да признаеме или не, затоа што има директни импликации врз состојбите во државава. Ќе имаме ситуација кога ќе се соочуваме дали да ја признаеме статус кво состојбата или пак било кое решение што ќе биде донесено од страна на меѓународната заедница или од страна на определени други државни субјекти. За Република Македонија ќе биде најдобро, ако меѓународната заедница изнајде решение за Косово кое што нашата држава ќе може да го следи.

Дали расплетот на косовското прашање може да донесе турбуленции во регионот кој што ќе влијаат врз стабилноста и на Македонија?

Доколку не се најде заедничко решение во кое ќе бидат задоволени и едната и другата страна, значи и српската и косовската страна, тогаш веројатни се турбуленциите внатре во Косово, а тоа значи дека радикалите ниту на едната, нитуе на другата страна нема да се помират со такво решение и тука ќе имаме особено на безбедносен план определени ситуации каде што веројатно меѓународната заедница и го има проценето и ќе мора да реагира. Меѓутоа таквата ситуација може да има определени импликации и врз Македонија посебно што практиката покажува дека тоа што се случува во соседството е блиску поврзано и со другите земји од регинот, така што некои турбуленции внатре во Косово ќе предизвикаат определено влијание, во смисла на вмешување на определени групации, радикални групи од Македонија во самото Косово, и од тој аспект може да се создаде една специфична многу чувствителна безбедносна ситуација при што Македонија ќе мора да прави и сериозни проценки, но и да презема соодветни мерки за заштита на својот субјиктивитет и државност особено на границите кон Косово.

Се говори дека во случај на еднострано прогласување на независност на Косово, можна е ситуација на поделба. Каде е Македонија во овој случај?

Поделба во смисла на интересите на територијата на Косово е можна и најдобро решение за Македонија би било кога би можело да се согласат двете крајно спротивставени страни, српската и косовската. Проблемот за Македонија е и тоа што статус кво ситуацијата на Косово предизвикува одредени турбуленции во нашата држава. Дали и како Македонија треба да реагира во оваа ситуација, мислам дека Македонија не треба да се избрзува со одлуката и треба да ја следиме меѓународната заедница, односно решението што таа ќе го донесе.

Можете ли да ни кажете поконкретно, како земјата треба да постапи при еднострано прогласување независност?

Македонија не е во позиција и таа не треба да избрзува со своето решение, односно со својата одлука. Таа може да ја следи меѓународната заедница околу решението, но никако доколку решението се бара на друг начин. Проблемот е што во Македонија имаме заедници и од албанската и од српската националност и од тој аспект доколку Македонија избрза со било какво решение може да си нанесе сама себеси проблеми внатре во државата и затоа јас потенцирам дека проблемот треба да се следи и решението да се одобрува онака како што меѓународната заедница ќе го донесе.

Како би реагирал официјален Белград во случај на еднострано прогласување на независност?

Белград веќе ја најави својата официјална политика и тој зазеде став дека тоа би било непријателски чин за Србија. Но, јас мислам и имам впечаток дека србија го изгуби Косово уште во раните 90-ти години, а точката на губењето на Косово е фактички Кумановскиот договор. Од тој аспект Белград нема право со својот однос кон Косово да создава нови непријателства и да бара условувања од било која земја па и од Македонија. Во меѓународните односи ниту има фамилијарност, ниту има пријателство, има само интереси и од тој аспект Македонија треба да си ги гледа своите интереси и да заземе таков став без оглед што кажува Белград.

Во контекст на прашањето на Косово, дали сметате дека Македонија е стабилна од внатре?

Македонија е стабилна но недоволно изградена во смисла на современо демократско општество и во таа смисла Македонија може да биде ранлива, особено што општеството е така конфигурирано да имаме и албанска и српска заедница кои пак имаат некои свои интереси околу Косово. И затоа велам дека Македонија треба да си ги гледа сопствените интереси, значи таа повеќе треба да биде свртена кон внатре во своето општество, за да може да зазема определен став кон Косово.

Какви се капацитетите на институциите да одговорат на евентуални реперкусии?

Било кое решение кое ќе се донесе за Косово, ако за тоа не се договарат двете страни и србите и косоварите, ќе предизвикаат определени безбедносни пред се турбуленции. Радикалите и од двете страни нема да се согласат со било кое друго решение доколку нема меѓусебен зависен договор. Од тој аспект тие влијанија како врзани садови може да се рефлектираат врз Македонија. Јас сепак мислам дека институциите и струкутурите, па и силите во Македонија се на тоа ниво да можат да одговорат на било која провокација или било која новосоздадена безбедносна ситуација по прашањето за Косово.

Колку се реални заканите од паравоени формации што доаѓаат во овој период?

Прво треба да сватиме дека ситуацијата од 2001-та година, а секогаш појавата на паравоени структури на било кој дел од нашата територија не асоцира на тоа, не е иста што и 2007 година. Битно се променети и условите, битни се промените и во меѓународните односи така што Македонија битно е променета и во безбедносна смисла и од тој аспект вакви турбуленции посериозни со појавата на паравоени структури или вооружени екстремистички групации неможе да доведе во прашање една безбедносна состојба во Република Македонија за која може да се каже дека е стабилна. Од тој апсект не очекувам некои посериозни последици, а и Македонија веќе покажува дека може да се справи со вакви безбедносни предизвици.

Од страна на некои аналитичари поканата за членство на Македонија во НАТО се доведува во контекст со решавањето на статусот на Косово. Колку ова може да има влијание при евентуалното добивање покана за членство во НАТО?

Очигледно НАТО си ја гледа состојбата од еден друг аспект кој можеби за нас е неприфатлив но таа го гледа регионот како целина и во тој контекст бара една безбедносна средина за целиот балкански регион особено за Западен Балкан. Во тој контекст можеби треба да се согледува се појасното искажување на структурите на НАТО дека ситуацијата на Балканот треба да се разреши во целина и во тој контекст можеби ќе има определени импликации врз Македонија. Меѓутоа во конечното одлучување на НАТО за нашиот прием, јас негледам некои последици врзани директно за Косово или врзани за било кој друг проблем што се појавува и е актуелен во моментов, значи членството пред се ќе зависи дали ние сме ги исполните условите и стандардите што ни беа поставени од НАТО и дали можеме да придонесуваме за развојот на мирот во регинот па и пошироко.

Какви се вашите очекувања Македонија да добие покана за членството во НАТО наредната година?

Јас имам реални очекувања дека Македонија ќе биде поканета во април следната година во Букурешт. Меѓутоа тоа пак зависи од нас дали ќе продолжиме со текот на доизградбата на стандардите кои што ги бара НАТО или пак и понатаму ќе покажуваме пред се политичка интертност во смисла на она што декларативно субјектите во Македонија го искажуваат да го преточат во дела. На добар пат сме со последните политички договори на релевантните политички субјекти во земјава, тоа да го постигнеме и навистина Република Македонија да биде поканета следната година за членство во НАТО.

Грција го наметна спорот со името во сите документи на ЕУ. Може ли ова да има влијание?

Очигледно дека не, затоа што и Спогодбата од 95-та година меѓу Македонија и Грција е децидна во тоа дека Ррепублика Грција нема да го условува зачленувањето на Република Македонија во било кои евроатлантски интеграции. Од тој аспект доколку Грција приложи вето, таа фактички го прекршува договорот, односно Спогодбата и Македонија не би имала понатаму никакви обврски да ја спроведува таа Спогодба, а тоа би значело враќање на нивото од 1995-та година што пак меѓународната заедница, па и ЕУ нема да си го дозволат. Тие бараат современи трендови, современи процеси, а не враќање на процесите назад од 10-тина или 15 години.
XS
SM
MD
LG