Достапни линкови

Опозицијата вели дека тоа е резултат на зголемувањето на даночната основица и на цените


Во првите десет месеци од оваа година во буџетот се наплатени повеќе од околу 20% даночни приходи во однос на минатата година. За владата тоа е резултат на подобра дисциплина во плаќањето, додека опозицијата посочува дека зголемените приходи многу повеќе се резултат на зголемените даночни приходи, како и поради порастот на цените. На ова прашање Мишо Николов од Центарот за економски анализи вели дека зголемените приходи воглавно се должат на подобрата наплата од страна на УЈП и на царината, а за да се види какви се резултатите од намалувањето на даноците уште е рано да се зборува:

„Во нашите разговори со бизнисмените, тие посочуваат дека сеуште е рано и дека најточен податок ќе дадат кога ќе ги приложат завршните сметки. Нашите оценки се дека сепак постои едно даночно релаксирање во државата.“

Врз основа на анализата на известувањето од Владата во однос на прашањето за прибирање на податоците и приходите од годинава што доставено до членовите на Комисијата за финансирање и буџет има и поинакви заклучоци. Слободан Најдовски од ЛДП вели:

„Иако владата пропагира дека ја намалила даночната основица, да точно е, но истовремено ја прошири основицата во структурата на претпријатијата за оданочување. Значи по основ на персоналниот данок и данокот на добивка, приходите се зголемени поради тоа што напротив има зголемување на даночната основица, а со тоа и зголемување на вкупните оптоварувања.“

По однос на наплатата на акцизите според него Владата има потфрлено бидејќи има зголемување на акцизата кај тутунските производи. Дел од причините за зголемувањето на буџетот се должат и на зголемувањето на цените во потрошувачката, додава Најдовски заклучувајќи дека можеби е минимален делот на даночната дисциплина. Драган Николов кој го претставува индустрискиот сектор наведува дека во врска со даноците и придонесите на плати има намалување по два основа. Едното е по основ на персоналниот данок, а другото врз основа на намален износ за здравствено осигурување:

„Ние реагиравме да се намалуваат и тие се намалуваат. Дали е тоа оптимално ниво има простор секој пат за размислување. Мојата перцепција е дека има намалување. Ние имаме искуство на пример, еве во соседна Грција кај нив тие стапки се движат да речеме 80-90% зависно во кој сектор припаѓаат, таму се движат 40%. Затоа бизнис заедницата бара да се воведе терминот бруто плата, а не нето плата.“

вели Николов.
XS
SM
MD
LG