Достапни линкови

Шансите се на наша страна, велат од Работнички Фершпед


По октомврискиот неуспех во Купот на ЦЕВ и елиминацијата од турскиот Беледиеспор, најтрофејниот македонски одбојкарски клуб - Работнички Фершпед, денеска и следната недела ќе ја има последната шанса за презимување на европската сцена. Овој пат, тоа ќе биде преку натпреварувањето во кое пред осум месеци беше дел од најдобрата четворка - Челинџ купот каде за противник ќе го има бугарскиот освојувач на двојната круна - Лукоил Нефтохимик. Клуб кој доаѓа од земјата освојувач на бронзениот медал на последниот СК, што му ја носи улогата на фаворит. Покрај тоа, нашиот шампион сезонава е значително ослабен откако остана без тренерот Јошко Миленковски, капитенот Жарко Ристовски и Хари Наковски, хендикеп кој сепак не носи и песимизам во неговите редови. Напротив, „шпедитерите“ веруваат дека можат да слават во дуелот во кој, според еден од најголемите адути, интернационалецот од Бугарија - Христо Модев нашата шанса е пред се утрешниот меч во СРЦ Кале.

„Шансите на нашата екипа се релативно реални, имаме шанса да ги добиеме овде во Скопје. Екипата на Лукоил игра претежно послабо во гости, со еден успех на домашен терен пота ќе се одлучува на гостинскиот терен.“

Изјави Модев според кого Лукоил заслужува респект, но не и преценување. Тоа, но и квалитетно одработените подготовки со десетина контролни мечеви во и вон нашите граници, ги подгрева надежите дека по реваншот во Бургас може да се стигне до следната рунда. Тие средби покажаа дека имаме потенцијал за таков успех, за кој според тренерот Тихомир Пауновски, наш адут е тоа што:

„Имаме за нијанса, два-три поискусни играчи. Модев е тука и Зоран Ѓорѓески. Другите се повеќе години заедно, меѓутоа имаме спој на искуство и младост.,,

Вели Пауновски, според кого во прилог ни оди и немањето психолошки притисок за победа, поради тоа што од актуелниот состав поголеми резултати па и нов пласман на еден Фајнал фор турнир ќе се очекуваат за 2 до 3 сезони.

„Се што ќе направиме ќе биде плус и ние уште од сега одиме на победа против бугарскиот шампион со тоа што тие млади играчи уште од сега би ги покажале своите квалитети, значи не треба да чекаме.“

Додаде Пауновски.
XS
SM
MD
LG