Достапни линкови

Експертите препорачуваат инвестиции во производство на пченица


За да не бидеме зависни од увоз треба да се инвестира во производството на пченица. Покрај системи за наводнување, потребно е државата да инвестира во производство на сертифицирани семенски материјали, посочува Перо Стојановски, од Здружението на земјоделците, според чијшто впечаток потребно е да има поголеми вложувања бидејќи на ниво на Македонија само 45 насто од земјата е посеана со пченица:

„Семенскиот материјал е од пред пет или шест години. Така што приносот којшто треба да го очекуваме во самиот старт ни е намален за 20 – 30 насто. Затоа што од она што е семенски материјал, ако пченицата е успешна се зема таа истата се преработува, без разлика дали е втора, трета или петта репродукција.“

Професорот Илија Каров се согласува дека не треба да бидеме зависни само од сушата, односно дали ќе врне дожд или не, туку треба да се обезбеди планирање и производство на доволна количина пченица. Тој вели дека во земјава се произведува квалитетен семенски материјал, но тоа е долгорочен процес, во кој треба да се инвестира:

„Мора перманентно да се инвестира, да бидат стимулирани производителите на семенски материјал, бидејќи со години наназад не се инвестираше, па се селектираше и на производителите се нудеше не доволно квалитетен семенски материјал. Сега со засилена контрола тоа не е можно.“

Борис Јанакиевски, претставник на агро бизнисот, има поинакво гледиште. Според него, Македонија има ограничени природни предности за производство на жито. А, дека поефтино може да го купуваме на светскиот пазар, отколку да го форсираме ова производство, според него, наместо кон житни култури треба да се ориентираме кон производство на овошке и зеленчук:

„Природните услови не овозможуваат висок принос. Имаме релативно сув воздух, имаме врнежи годишни од 755 милиметри.“

Професорот Каров не се согласува со него и вели дека во интерес на секоја земја е да има сопствено производство на жито, бидејќи тоа е поефтино, како и дека Македонија има природни предиспозиции за ова производство, со исклчок на овчеполието:

„Има микро региони, како можам да се сложам со оваа констатација, кога еве, да речеме источниот дел од Република Македонија, кочанскиот регион тој е со повисока релативна влажност. Не може ние да бидеме зависни од увоз на пченица.“
XS
SM
MD
LG