Достапни линкови

Најмногу ќе загуби Србија која има 20 насто од пазарот, проценка на експертите


Најавите за економска блокада од страна на Србија во случај на прогласување на независност на Косово, најтешко ќе ја погоди самата Србија бидејќи со тоа засекогаш ќе изгубат пазар кој 20 отсто од своите производи ги набавува од Србија, истакнуваат економските експерти од Косово. Ова е нивна реакција на заканите дека би можело да дојде до економска блокада кон Косово во случај на прогласување еднострана независност.

Претседателот на Стопанската Комора на Косово Бесим Бечај вели дека Косово ќе има голема економска добивка доколку Србија навистина одлучи да воведе економска блокада во случај на независност на Косово, а Србија додава Бечај ќе изгуби пазар на кој според официјалните податоци, пласира производи во вредност од околу 200 милиони евра. Тој истакнува дека заканите од страна на Србија ќе останат само празни зборови, но посочува дека дури и да се реализираат, постојат многу алтернативи за увоз на производи од други земји:

„Од аспект на купување на производи, што ги набавуваме од Србија тоа не преставува проблем. Може да предизвика моментална дестабилизација од неколку дена, но многу брзо ќе се ориентираме кон друг пазар. На крајот на краиштата добро е да се случи тоа, бидејќи ќе се одвоиме од пазар што не е пријателски расположен кон нас.“

вели Бегај кој додава дека Стопанската Комора на Косово сепак започнала подготовки за тоа како да постапи доколку ваквите закани се остварат:

„Ги контактиравме нашите регионални партнери во Албанија, Македонија, Црна Гора и пошироко, за да се подготвиме доколку тоа навистина се случи. Исто така извршивме анализа на производите кои што досега се увезуваа и таа анализа им ја испративме на нашите партнери, за и тие да се подготват за надополнување на тие производи.“

И претседателот на Алијансата на претприемачи на Косово Агим Шахини смета дека на Србија не и се исплати да воведе ограничување за продажба на своите производи на Косово, бидејќи на тој начин таа самата ќе биде најголемиот губитник:

„Во моментот на нашиот разговор околу 80 камиони се на северната граница и чекаат да влезат во Косово. Затоа не треба да се вознемируваме, бидејќи Косово е слободно и ние треба да се ориентираме онаму каде што ќе пронајдеме подобри и поефтини производи.“

посочува Шахини. Истовремено од српска страна се слушнаа и закани дека ќе ги прекине сите преносни линии за електрична енергија, на што косовското министерство за енергетика и рударство одговори дека никој неможе да го остави Косово во мрак и таквите закани ги оквалификува како политички игри.
XS
SM
MD
LG