Достапни линкови

Антонио Милошоски, министер за надворешни работи. Неверувањето во сопствениот успех може да биде единствената пречка на патот на Македонија кон НАТО


Господине Милошоски, најнапред прашање коешто е најинтересно, македонскиот државен врв покажа единство за уставното име на Република Македонија, а посредникот Метју Нимиц изјави дека во Скопје слушнал нови идеи, кои се тие нови идеи?

Новите идеи ги дадовме во насока на зголемување на доверба меѓу Атина и Скопје, бидејќи очигледно е дека тоа недостига. Познати се ставовите на двете земји, но недостасуваат почести контакти и странични иницијативи кои може да ја зголемат и нашата комуникација и довербата на двете политички раководства и сметам дека во таа насока би било добро Република Македонија и Република Грција, државните врвови, најмалку еднаш годишно, да имаат регуларни високи средби, на политичко ниво, без разлика дали отворените прашања ќе бидат или нема да бидат надминати во краток временски период, сретнувањата нема да штетат никому.

Дали ова да го разбереме како иницијатива дека е дојдено време за директна средба со шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани или во Скопје или во Атина?

За нив поканата е отворена во секое време, ја упативме пред извесно време за колешката Бакојани која по моја иницијатива ја сретнав неформално на маргините на самитот во Мадрид, каде што поразговаравме на нашите билатерални односи, за отвореното прашање и во секој случај се надевам дека заклучокот кој заеднички го извлековме беше дека такви средби се навистина корисни. Гледам дека колешката Бакојани е многу ангажирана да го претстави грчкиот став во повеќе престолнини во Европа, но сметам дека не е соодветно нивниот став и нивната загриженост да не дојдат да ни ги соопштат нам, ние сме нивниот сосед и би биле задоволни доколку не удостојат и не почестат со една посета и да ни ги објаснат оние работи за кои сметаат дека се од особено значење за нив.

Имавте средба во Мадрид со американскиот државен потсекретар Николас Барнс, којшто добро ги познава работите на Балканот. Што конкретно побара од вас да стори Македонија?

Со него разговаравме за поголемата слика на Балканот, во која Македонија и САД делат многу блиски ставови, би рекол ако не и сосема идентични во однос на тоа дека е време регионот од ова поглавје на демократска транизиција, да премине во една нова поквалитетна фаза на демократска интеграција во евро атлантските структури. Во таа насока се заблагодаривме за спонзорството на САД на Јадранската повелба. Во однос на нашите НАТО аспирации отворени беа две прашања, првото кое е од клучно значење, тоа се домашните реформи. Најголемите аргументи и пофалеби кои Македонија може да ги направи за себе се домашните постогнувања и во овој контекст сум навистина среќен што македонскиот парламент демонстрираше едно зрело единство во приоритетите поврзани со НАТО интеграцијата. Исто така, постветивме еден дел од разговорот и на прашањето на отворениот спор што Република Грција го има со нашето уставно име и за начинот на кој Македонија може повидливо да ја демонстрира својата желба за соработка и добрососедство, која сосема високо сме ја докажале во изминатите 16 години, каде што билатералните односи меѓу Македонија и Грција покажуваат единствено нагорен тренд.

Во меѓувреме во Вашингтон, грчкото лоби работи. Над сто конгресмени веќе ја потпишаа резолуцијата во која меѓу другото се бара од Македонија да се воздржи од провокации. Што прави македонската дипломатија да ја одбрани сопствената позиција во Вашингтон?

Ангажирани сме со посети преку нашата амбасада, но пред се со успех кој во континуитет го работеа неколку министри за надворешни работи во ова време да се оствари, а тоа е формирањето на група за американско – македонско пријателство во американскиот конгрес. Каде што оваа група е механизам којшто ни стои за располагање за претставување на нашите позиции. Во однос на грчкото лоби, знаеме која е неговата тежина во САД, исто така знаеме дека САД се наоѓаат во предизборен период и лобирањата и додворувањата на некои политички сибјекти кои имаат поддршка од гласови и спонзорства е згоден момент да се иницираат одредени резолуции, но во секој случај би било многу попродуктивно ако грчкото лоби во САД ја инвестира својата енергија и време за лобирање за целосно зачленување на земјите членки на Јадранската повелба во НАТО. Тоа е во интерес не само на САД чии граѓани се тие, но е во особен интерес на регионот, вклучително и на трговските и безбедносни интереси на Грција. Така што тоа е мој добронамерен совет до нив.

Рековте дека парламентот тргна од мртвата точка, почна да ги усвојува законите. Генералниот секретар на НАТО повтори дека нема групен прием. Што може да биде за Македонија пречка да не добие покана за членство?

Има реални критериуми кои треба да се исполнат. Тие се поврзани со реформи во судството, со законите за јавно обвинителство, реформите во армијата, позиционирањето и придонесот во однос на регионалната стабилност особено во очи на решавањето на финалниот статус на Косово, со останувањето обврзан и посветен на обврските кои ги преземавме со учеството во мировни мисии, но и со дополнителни задачи кои треба да ги завршиме на домашен план. И мислам дека неверувањето во сопствениот успех може да биде единствената пречка која може Македонија да ја лиши од покана на самитот во Букурешт. Но за среќа и владата и сите политички релевантни фактори, вклучително и опозицијата се цврсто убедени и решителни дека Македонија има и сила и капацитет и волја да ги исполни критериумите за да ја заслужи поканата за членство, а со своето учество во мировните мисии ние веќе покажуваме дека нашата држава со една нога е во НАТО. Де факто, демонстриравме подготвеност да ги споделиме обврските кои доаѓаат од НАТО членството.

Претседателот Црвенковски изјави дека Македонија нема да биде првата земја што ќе ја признае евентуалната независност на Косово. Дали ќе биде втората доколку први ја признаат САД?

Мое мислење е дека во однос на финалниот статус на Косово пристапот кон признавањето на тој конечен статус, без разлика од кој квалитет ќе биде не верувам дека ќе доаѓа поединечно. Повеќе ми е блиска варијантата дека тој пристап може да има и некоја групна форма, форма на земји кои имаат заеднички пристап кон одредени прашања. Република Македонија како земја кандидат за членство во НАТО, земја чиј стратешки партнер се САД и земја која е кандаидат за членство во ЕУ ќе ги усогласува своите ставови со оваа група земји во светот и мислам дека ќе бидеме дел од тој процес, без при тоа да се издвојуваме или да отскокнуваме како први или последни.

Но, во ЕУ за сега нема единствен став по ова прашање?

Моето чувство е дека огромното мнозинство земји во ЕУ е свесно дека ова е часот на Европа. Кога таа треба да покаже дека е зрела и дека има капацитет да се справи со отворените прашања на својот континент. Она што го пропушти да го направи на почетокот на распаѓањето на Југославија и несреќните крвави војни кои потоа следеа, мислам дека Европа сега не е во позиција да го повтори тој луксуз и дека ќе има навистина еден поконкретен и попребирлив пристап.

Западот ги прогласи изборите во Русија, последниве парламентарни за недемократски и нефер. Односите на западот со Москва се заладени. Како Македонија ќе се однесува во оваа ситуација и како понатаму ќе ги развива односите со Русија?

Ние имаме нормални односи со Русија. Тоа е земја којашто беше една од првите што ја признаа независноста на Република Македонија и нашето уставно име. Нивните избори се внатрешна работа и сметам дека и понатаму ќе се обидуваме да воспоставиме што поблиски релации особено на економско ниво, бидејќи тоа е пазар што заслужува внимание. Република Македонија има за цел да стане земја која ќе биде препознатлива по економската соработка со одредени субјекти кои имаат потенцијал за тоа и во Русија гледаме еден солиден партнер.
XS
SM
MD
LG