Достапни линкови

Во Хрватска некои производи достигнуваат цени повисоки и за 50 отсто


Граѓаните во Хрватска се загрижени од застрашувачките поскапувања посебно на прехрамбените производи кои започнаа уште летото, а деновиве некои производи достигнуваат цени поскапи речиси и за 50 отсто. Експертите предупредуваат дека бранот поскапувања може да влијае врз инфлацијата и вкупната економска стабилност.

Освен растот на цените кај прехрамбените производи се најавува поскапување и на струјата и греењето, поради што економските експерти предупредуваат на опасна спирала која може да се одрази врз инфлацијата и економската стабилност. Поради очигледниот пад на стандардот пак, синдикатите се закануваат и со масовни протести. Речиси и да нема граѓанин кој деновиве не излегува од продавница проучувајќи зошто сметката е толку висока:

„Незнам што човек веќе да каже, останувате шокирани, ова веќе ја преминува секоја мерка.“

„Се поскапе, млекото, месото, зеленчукот, овошјето, маслото, се е двојно.“

„Толку е поскапено што веќе неможете да преживеете, а камоли да купувате.“


велат хрватските граѓани. Економскиот аналитичар од Сојузот на самостојни синдикати на Хрватска Домагој Сердебар предупредува на влошување на социјалната слика во Хрватска:

„Значи според цените се изедначуваме со земјите од Западна Европа, а според куповната моќ сме на 29 место. Европскиот просек за куповна моќ по глава на жител изнесува речиси 12 илјади евра, а Хрватска има просек од 4 565 евра.“

Поскапувањата во Хрватска, вели економскиот аналитичар Младен Ведриш се последица од поскапувањата на енергенсите и храната на светскиот пазар, но во некој дел и од внатрешната состојба:

„Не само што треба на национална основа да се влијае врз цените, преку разни потикнувачки мерки, преку даноците, туку треба да се следи што се случува и на локално ниво, како градовите и општините ги формираат цените, бидејќи колку и да е оправдан дел од трошоците, тоа не смее да се дозволи да премине во ,,стампедо“, не смее да се претвори во инфлација, бидејќи после тоа почнуваат потполно легитимните барања на синдикатот за зголемување на дневницата и на крајот сето тоа може да предизвика една лавина која не е добра за стабилизацијата не само на економијата, туку и на целокупното општество.“

изјавува аналитичарот Ведриш.
XS
SM
MD
LG