Достапни линкови

logo-print

Узбекистан ги отфрла обвинувањата


Узбекистан ги отфрли обвинувањата дека детскиот труд се употребува во узбекистанската индустрија за памук. Неколку компании се заканија дека ќе престанат да купуваат памук од Узбекистан, по извештаите дека десетици илјади узбекистански деца секојдневно се искористуваат за берба на памукот.

Узбекистанскиот министер за надворешни работи Владимир Норов изјави дека Узбекистан силно го отфрла постоењето на користење на детски труд во полињата со памук и подвлече дека тоа е дел од кампања против Узбекистан што е далеку од реалноста. Изјавата беше објавена во амбасадата на Узбекистан во Естонија каде што и некои компании се заканија дека ќе престанат да купуваат узбекистански памук. Најголемата компанија за текстил во Естонија соопшти дека суспензијата на купување памук ќе остане во сила се додека не се разјасни дали детскиот труд не се злоупотребува во полињата во Узбекистан, којшто е втор најголем светски извозник на памук. Одлуката дојде само еден ден откако финската модна групација Маримеко соопшти дека ќе престане ад купува памучни производи од естонската компанија и дека ќе бара цертификат за потекло на стоката пред да направи нови нарачки. Меѓу корисниците на узбекистанскиот памук е и светскиот гигант Ејџ енд Ем. (H&M). Портпаролот на оваа компанија Ана Карин Бјорн за Слободна Европа изјави дека компанијата може да направи малку, затоа што е многу тешко да се следи потеклото на памукот:

„H&M работи со околу 700 снабдувачи низ светот. Во договорите со сите нив е наведено дека не прифаќаме употреба на детски труд. Но, нашето директно влијание не оди подалеку. Ние немаме договори со фармерите коишто се потребни за да се направат некои услови во нивниот бизнис.“

изјави Бјорн. Уште во септември британската компанија Континентал Клоутинг почна да ги одбележува производите со земјата од каде што потекнува памукот за да им покаже на купувачите дека памукот не доаѓа од Узбекистан. Активисти за човекови права во и надвор од Узбекистан ја повикаа меѓународната заедница да ја бојкотира употребата на узбекистанскиот памук, наведувајќи дека тоа ќе ја натера владата да престане да употребува детски труд. Според нив, 450 илјади деца се инволвирани во бербата на памукот во Узбекистан. Според некои студии, еден од четири делови облека во Европа се произведени од памук со потекло од Узбекистан, а бизнисот според активистите за човекови права носи профит само за владечката елита.
XS
SM
MD
LG