Достапни линкови

Можни се етнички тензии, но не и инциденти, сметаат аналитичарите


По неуспехот на преговорите меѓу Белград и Приштина што се водеа со посредство на тројката на Контакт групата и по најавите дека Косово еднострано ќе прогласи независност, според аналитичарите, може да дојде до зголемување на етничките тензии, но не и на инцидентите. Косовската полициска служба, УНМИК и КФОР се свесни дека Косово влегува во деликатна фаза и велат оти се подготвени да реагираат на секое нарушување на безбедноста.

Портпаролот на косовската полициска служба Ветон Елшани вели дека постои план под името ,,Строга безбедност,, а во кој се предвидени мерки за контрола на ситуацијата на теренот, вклучувајќи ги и српските средини.

„Ќе работиме со цел ситуацијата да остане мирна. Плановите се подготвени во соработка со УНМИК и КФОР и содржат начини на дејствување во случај на независност и во случај статусот да биде одложен.“

И мировните сили се подготвуваат да реагираат доколку дојде до влошување на ситуацијата. Деновиве пристигна германски резеревен баталијон чија крајна дестинација ќе биде северот на Косово. По германските, таму ќе бидат префрлени и дел од американските војници.

„Унгарскиот баталијон ќе биде заменет со американски. Со ова сакаме да покажеме дека се грижиме за целата територија на Косово.“

вели портпаролката на КФОР Валери Клер Бермонд, која сепак ги отфрла наводите дека ваквите поместувања се случуваат поради приближувањето на десетти декември кога посредничката тројка треба до Обединетите нации да го предаде извештајот за неуспешните преговори меѓу Белград и Приштина и можноста тоа да предизвика тензии на Косово. Политичкиот аналитичар Дугаџин Горани не верува дека ќе дојде до инциденти, но оти мора да се внимава на реакцијата на косовските срби во случај на еднострана незвисност.

„Каква ќе биде нивната реакција. Дали ќе се остварат страхувањата и намерите за колективно исселување, за политички бунт, за воспоставување некаква паралелна власт. Дали Косово ќе биде блокирано од Србија. Сето тоа треба сериозно да се земе предвид.“

Посматрачите потсетуваат дека некои српски политичари деновиве изјавуваа оти Србија би можела и воено да интервенира доколку Косово прогласи независност. Станува збор за нереални закани, смета аналитичарот Дугаџин, додавајќи дека Србија ќе мора да соработува со косовските власти:

„Јас знам дека ова се првите моменти по преговорите и знам дека тензиите ќе бидат многу високи, но до таква соработка ќе мора да дојде за подобар живот на српската заедница на Косово.“

Оценува политичкиот аналитичар Дугаџин Горани.
XS
SM
MD
LG