Достапни линкови

Македонија треба да има поактивна улога


Клучно прашање на кое треба да се даде одговор во земјава е како Македонија да изгради конструктивна позиција во однос на спорот со Грција за уставното име, велат експертите во контекст на дипломатската мисија на Грција која се обидува земјава да ја покаже како неконструктивна по одбивањето на последниот предлог на медијаторот Метју Нимиц. Дека е тоа потребно укажуваат и претставниците на мегународната заедница. Професорот на Филозовскиот факултет во Скопје Ферид Мухиќ вели

„Првата грешка реално беше прифаќањето на преговорите. Прифаќаш преговори за нешто за што не си готов да смениш, а ние не сме, тоа значи дека ти не разбираш дека смислата на преговорите е нешто да се постигне. Тие ако сакаа да остане името, немаше да бараат преговори, преговорите се да се смени. Во некаква рамка.“

Љубомир Фрчкоски професор на Правниот факултет во Скопје укажува дека конструктивноста во преговорите не значи и промена на името:

„Ние мора да излеземе со некакви предлози. Предлозите не разбираат, како често што реагираме во афект дека треба компромисни предлози да имаме за промена на името. Туку, конструктивно значи разни предлози за решавање на спорот, а не за компромисното име. Никогаш не го бркајте, конструктивноста со компромисноста“

Фрчкоски со предлог

„Може да се расправа уставното име да биде основно за меѓународна употреба, но во меѓународните организации во кои е членка Грција да има техничко име, второ име на државата кое ќе се користи во организацијата, не само прекар, туку и техничко име, основното може да биде, со тоа уставното име се реплицира, се дуплира со некакви технички имиња, тие решенија може да бидат прифатливи, неприфатливи, итн но покажуваат одредено динамизирање на позицијата.“

Впечатокот на експертите е дека во моментов нема расположение за заземање поинаков став од двојната формула

„Нема ниту смелост, ниту интегритет во политичкото раководство. Од друга страна, сите се плашат да прифатат и најмала отстапка затоа што ќе бидат посочени како предавници на националните интереси.“

вели Мухиќ.

Фрчкоски пак укажува дека е неопходно државниот врв да работи на конструктивна позиција, бидејки во наша корист е и ставот на американската администрација дека добрососедските односи, не подразбираат и решавање на спорот до НАТО самитот

„Многу е важно да не се остави впечаток кај нашите пријатели, да не ја влошиме позицијата, никаков страв на политичарите не може да ни помогне после тоа. Така што, предлогот е потребен за одржување на позицијата со разно маневрирање.“
XS
SM
MD
LG