Достапни линкови

МВР уверува дека сепак бројот на убиствата споредено со лани е намален


За една недела тројца убиени на фреквентите улици во главниот град во часови на голема раздвиженост. Минатиот петок во оружен грабеж на комбе на Комерцијална банка загина член на обезбедувањето, а вчера загинаа две лица поради како што велат од МВР криминална пресметка. За некои граѓани овие случувања се аларм за нарушувањето на нивната безбедност:

„Не е безбедно воопшто. Јас имам две деца на таа возраст што шетаат, 22 и 23 години и навистина се плашам. Мислам никаде не е безбедно, но тука стана страшно.“

„Мислам со овие работи не си сигурен на пат да одиш, да ти се случи нешто и да настрадаш.“


Спротивно од впечатокот на дел од граѓаните портпаролот на Министертвото за внатрешни работи Иво Котевски вели дека споредбено со истиот период лани бројот на убиства е намален:

„Во првите девет месеци од годинава во Скопје се случиле вкупно пет убиства, за разлика од истиот период минатата година кога се случиле 14 убиства. Кога би ги додале и последниве убиства што се случија просекот е дури помал во однос на минатата година.“

Криминалот почна да излегува на површина, оценува по последните пресметки професорот по разузнавање Стефан Буџаковски. Бидејки се е сконцентирано во Скопје вели Буџаковски и најголемиот дел од криминалот е токму во главниот град:

„Криминалните групи неможеме да кажеме дека сега нашле погодно тло во овој период, тие си работат континуирано.“

Според него полицијата може да се справи со овој вид на нарушувањето на безбедноста доколку превентивно работи и навлезе мегу криминалните групи:

„За навлегување во вакви средини малку е потешко, меѓутоа со новите мерки кои што се предвидуваат во законот за кривична постапка, а тоа се посебните истражни мерки, полицијата веќе нема оправдување дека неможе да навлезе во овие средини бидејќи сега имаме повеќе методи кои што можат да ги применуваат со дозвола и согласност на Јавниот обвинител.“

Котевски пак вели дека полицијата веќе презема се што е во нивна надлежност за борбата против криминалот:

„Ваков тип на убиства е исклучително тешко да се превенира бидејќи не се претходно планирани, ниту пак е плод или резултат на нарушена безбедносна состојба или пак на долготрајни пресметки меѓу банди и криминални групи.“

објаснува Котевски.
XS
SM
MD
LG