Достапни линкови

Составот на Комитетот и доминантната улога на Собранието не влева надеж дека тој ќе функционира


Улогата на Комитетот за односи меѓу заедниците ќе се сведе само на декларативно формирано тело и тој нема голема моќ реално да профункционира, сметаат партиите од опозицијата. За законите кои ги засегаат немнозинските заедници, а за кои Комитетот утврдува дали ќе се гласаат според Бадентер, повторно доминантна улога има Собранието каде имено се одвива гласањето според Бадентер, посочува Јани Макрадули од СДСМ:

„Бидејќи гласањето за Бадинтер на Комитетот е едно, но она што е реално е гласањето во Собранието. Така да овој Комитет ништо нема да измени, посебно по листата на закони по кои што ќе постои, така да практично неговата работа ќе биде само алиби дека нешто се променило.“

Во прилог на тоа дека Комитетот за односи меѓу заедниците може да ја доживеа судбината на само декларативно формирано тело од опозиционата ЛДП го отвараат проблемот и за составот на Комитетот, кој ќе брои седум македонци, седум членови од албанската заедница и по еден член од останатите заедници. Се плашам дека Комитетот ќе се претвори во тело кои што ќе штити интересите само на една малцинска заедница, вели Роза Топузовска Каровска од ЛДП:

„Не треба да биде Комитет, само за албанската заедница туку да ја отсликува мултиетничноста за која сите се залагаме во Македонија.“

Во оваа насока стравување дека според предложениот состав Комитетот нема да ја одразува мултиетничноста на државата, изразуваат и припадниците на останатите заедници. Кенан Хасипи од Демократската партија на турците изјавува:

„Самиот состав сам по себе покажува дека најголемиот дел од улогата на овој Комитет ќе се однесува на заедницата која што е над 25%, тоа е албанската заедница.“

Иако е задоволна од одредени решенија, ниту Демократската унија за интеграција не очекува поголема функција на Комитетот. Во оваа партија не гледаат политичка воља кај власта за реално решавање на прашањата кои ги засегаат малцинските заедници:

„Фактички опструкциите ги прави власта, ако тие реално сакаат да се интегрираме во НАТО и ЕУ треба тоа што го договараме и да го почитуваме.“

Истакнува Рафиз Алити од ДУИ. Наспроти забелешките на опозицијата во владечката ВМРО ДПМНЕ пак велат дека политичката воља ја демонстирале со тоа што работата на Комитетот се регулира со посебен закон:

„Нашата желба и заложба е тој да профункционира и затоа решивме и законски да го уредим. Значи практично да го осигураме и да ја зајакнеме неговата функција и улога.“

Посочува Александар Николовски од ВМРО ДПМНЕ.
XS
SM
MD
LG