Достапни линкови

logo-print

Најмногу трпи конкурентноста на домашните производи, велат експертите


Бран поскапувања во последните месеци чувствуваат македонските граѓани. Растот на цените кај повеќето прехрамбени производи, предизвикани од како што се објаснува сушното лето, а дополнително и порастот на цената на нафтата која што ги руши рекордите на светските берзи, се одразија врз трошоците за производство на компаниите кои ги покачуваат цените, поради што растат и трошоците за живот за граѓаните. И покрај тоа што е забележан голем процент на поскапувања, дел од домашните стопанственици сеуште успеваат и вештачки да ги одржат истите цени и покрај зголемените трошоци, но како што вели Јован Дабевски стопанственик од областа на млечната индустрија, на крајот тоа завршува со загуби и задолжување на компаниите и повторно се наметнува прашањето дека за не многу долго време ќе мора да се корегираат цените на производите:

„Значи приватниот сектор, верувајте ако дојде во ситуација да не работи профитабилно ќе дојде до ситуација на загуба и затварање. Можноста за заработка, за профит, за инвестиции во профитот се намалува. Значи што правиме, правиме нови инвестиции од кредити итн.“

Посочува Дабевски. Поради тоа велат експертите македонската економија нема сила да го издржи бранот поскапувања, и тоа се одразува врз нејзината конкурентност:

„Мислам дека новите поскапувања па и трендот, апсолутно ќе влијаат врз понатамошното поскапување на конкурентската способност на македонската економија, која што и онака е толку слаба што генерира огромен дефицит во билансот, а сега понатаму уште повеќе ќе се влошува.“

Објаснува професорот Абдулменах Беџети од Факултетот на Југоисточна Европа. Пренесувајќи го генерално искуството на своите членки и од Сојзуот на стопаснки комори се согласуваат со мислењето на експертите:

„Генерално конкурентноста доаѓа во прашање и таа најмногу трпи во моментот заради изложеноста на компаниите од тие промени и поскапувања.“

Вели Никола Ефтимов од Сојузот на стопански комори. Стручната јавност посочува дека поради перманентниот пораст на цените, а имајќи ја предвид слабоста на домашната економија, надлежните мора да делуваат со подготвена стратегија:

„Тоа го прават сите економии. Прават таква анализа за да се изнаоѓаат алтернативните мерки во делот на економската политика што владата треба да ги прави. Дали ќе обезбедува одреден период одредено субвенционирање, во зависност од тоа која е стратешката определба во стратешките сектори во економијата.“

Истакнува професор Беџети.
XS
SM
MD
LG