Достапни линкови

ЕУ бара Косово да не брза со прогласување на независност


Во Брисел денеска делегациите на Белград и на Приштина, со посредство на тројката на Контакт групата, ги продолжуваат директните разговори за идниот статус на Косово. Српската делегација ја предводат претседателот Борис Тадиќ и премиерот Воислав Коштуница, а косовската претседателот Фатмир Сејдиу и премиерот Агим Чеку. Најавено е дека ќе стане збор за четиринаесете точки што ги предложи тројката, но не се исклучени и други предлози.

Шефовите на дипломатиите на Европската Унија вчера од Брисел упатија апел до лидерите на етничките албанци да не брзаат да прогласат независност на Косово од Србија доколку за тоа не биде постигнат договор до десетти декември кога посредничката тројка треба да поднесе извештај до Обединетите нации. Косовските лидери пред почетокот на денешните преговори изјавија дека одлуката за прогласување независност ќе ја донесат во координација со Европската Унија и Соединетите Држави. Откако Демократската партија на Косово на саботните парламентарни избори освои мнозинство гласови, нејзиниот лидер Хашим Тачи изјави дека доколку стане премиер Косово брзо по евентуалнот неуспех на преговорите со Србија ќе прогласи независност. Тоа предизвика реакција на некои евроминистри за надворешни работи:

„Не бараме повеќе конфликти од оној што го имаме сега. Значи ние ќе се обидеме конструктивно да работиме со сите страни, со косоварите, со србите за да изнајдеме начин да ја контролираме сложената ситуација.“

Изјави вчера во Брисел Луиш Амадо, министер за надворешни работи на Португалија, земја која е актуелен претседавач на Европската унија, додавајќи дека посредничката тројка ги испитува сите можности за решавање на проблемот:

„Ова е проблем на Европската Унија, ова е проблем за мирот и стабилноста во Европа и за негово решавање е одговорна Унијата.“

По ваквите реакции Хашим Тачи кој исто така е дел од преговарачкиот тим на Косово рече дека сите нивни одлуки по десетти декември ќе бидат координирани со Вашингтон и со Брисел. Според некои посматрачи, тоа покажува дека прогласувањето на независност нема да уследи веднаш по завршувањето на овие преговори со Белград. ,,Тачи по изборната победа е во силна позиција, но нема да преземе ништо без зелено светло од Соединетите Држави и Европа,, сметаат некои претставници на Обединетите нации во Приштина, додавајќи: ,,Тој многу вниматилно ги слуша американците кои пак, повеќе би сакале одлуката за независност да се случи кон средината на јануари,,. Инаку, вчера евроминистрите решија до триесети март да го продолжат мандатот на тимот за подготовка на евентуалната идна мисија на Унијата во Косово. Со тоа мандатот на овој тим е продолжен и по шестти пат. Според првичните планови тимот требаше да ја заврши задачата пред повеќе од една година. Мисијата која би требало да брои меѓу илјада и петстотини и две илјади лица го чека решението за идниот статус на покраината, бидејќи многу од евро членките се против испраќање војници во Косово без резолуција на Советот за безбедност на ОН.
XS
SM
MD
LG