Достапни линкови

Станува збор за школски пример на корупција, посочуваат аналитичарите


Измените на Деталниот урбанистички план за т.н. „Мал Ринг“ кои во јавноста опозицијата и некои експерти го посочија како можен нов корупциски скандал е отворен и на него работи Антикорупциската комисија. Претседателката Мирјана Димовска вети и дека наскоро Комисијата ќе се произнесе за случајот. Во делот на судир на интереси имаме информации дека Здравев се ослободил од едната од функциите, доколку не го направил тоа ние ќе побараме да постапи согласно законот и да се ослободи од едната од нив, рече Димовска. Аналитичарот Џевдет Хајредини според кого наместо тоа борбата против корупцијата би била единствено ефикасна ако целиот случај се врати во првобитната положба, вели дека во него препознава школски пример за корупција:

„Без сомневање тоа е така бидејќи тој бил член на органот кој доделува, а тој зема. Ние бевме сведоци на неколку прозивања на градоначалникот Аларова, но на крајот од сите тие случаи ништо не се процесуираше.“

Владимир Здравев како претседател на Советот на општина Центар како што обвини опозицијата, гласал за измените во Деталниот урбанистички план со кој парцелата на негови блиски роднини би се зголемила за над 1000 метри квадратни. Општината Центар преку соопштение во медиумите ги отфрли обвинувањата дека новиот ДУП за „Малиот Ринг“ доделува привилегирани парцели тврдејќи дека при неговото донесување доследно биле почитувани начелата од правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. Министерството за транспорт и врски посочено како една од одговорните институции во изведувањето на целата процедура, исто така ја отфрли одговорноста со објаснување дека донесувањето на урбанистичките планови не е во негова, туку е во надлежност на општините. На прашањето дали размислува за повторно одземање на ингеренциите на општината Центар, одговара со апел до локалната самоуправа, ефективно, доследно и законски да ги спроведува надлежностите кои произлегуваат од законската регулатива. Хајредини вели дека токму пошироките ингеренции во рацете на општините го прават донесувањето на деталните урбанистилки планови подложно на злоупотреби:

„Уште при правењето на планот тој се прилагодува кон оделни интереси и личности од власта. Граѓаните најмногу ги гледаат тие појави кога ќе ,,никнат“ зградите.“

Експертите и опозицијата која најави дека случајот ќе стаса и пред Уставниот суд обвинија дека во целиот случај е постапено спротивно на законот за судир на интереси, прекршена е процедурата во делот на транспарентноста, но и на зголемувањето на површината на добиеното земјиште.
XS
SM
MD
LG