Достапни линкови

Има нарушени односи меѓу НСДП и ДПА, но не станува збор за владина криза, велат од власта


Иако потврдуваат дека постојат нарушени односи мегу двата коалициони партнери НСДП И ДПА, во владеачката ВМРО ДПМНЕ сепак велат дека не постои владина криза. Врвот на ВМРО ДПМНЕ сеуште не се изјаснува за случувањата во коалицијата. Подготвен за одговор единствено беше пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Влатко Ѓорчев. Станува збор само за привремена состојба која ќе биде надмината, вели Ѓорчев:

„Владина криза во смисла на тоа дека Владата ќе ја изгуби довербата во парламентот не постои, но факт е дека помеѓу два коалициони партнери во владата има одредени несогласувања. Веруваме дека таквите несогласувања ќе бидат надминати.“

Лошите односи меѓу владините партнери ДПА и НСДП кулминираа, откако НСДП на собраинската седница за интерпелација на заменик министерот за внатрешни работи од редовите на ДПА Рефет Елмази, гласаше за негова смена. По ова Демократската партија на албанците најави иницијатива за интерепалиција на потпретседателот во владата Живко Јанкуловски, а се изјасни дека ќе гласа позитивно и за интерпелацијата поднесена од опозицијата за министерот за економија Вера Рафајловска, и двајцата од НСДП. Во ДПА засега без коментар дали е на повидок владина криза. Во НСДП пак, велат дека кризата е само на релација со ДПА, чиј однос го оценуваат како крајно несериозен:

,,На релација НСДП ДПА може да се рече, меѓутоа во коалицијата не постои криза бидејќи нашите односи со ВМДРО ДПМНЕ и натаму се крајно коректни.“

Изјавува Иван Анастасовски од НСДП.
Во владеачката ВМРО ДПМНЕ посочуваат дека лошите односи меѓу нивните партнери, не се одразуваат врз ефикасноста на владата:

„Очекувам дека она што се случува помеѓу политичките субјекти нема да има одраз врз ефикасноста и спроведувањето на владините политики и програми.“

Изјавува Влатко Ѓорчев од оваа партија. НСДП ќе остави на премиерот Никола Груевски да ги реши состојбите во владеачката коалиција:

„Таа обврска ќе ја оставиме на претседателот на Владата, да ги изменаџира тие работи.“

Тоа што од три партии кои коалицираат во власта, дијалогот помеѓу две не функционира секако дека влијае врз работата на владата, коментираат пак експертите. Во оваа насока политикологот Влатко Мисев забележува:

„Обврска на премиерот е добро да ги менаџира односите помеѓу своите коалициони партнери. Факт е исто така дека во мозаикот од кој што е составена владата, дека е составена од различни политички партии дека мора да балансира.“

истакнува Мисев.
XS
SM
MD
LG