Достапни линкови

Меѓународните посредници ќе изнесат конкретни предлози за Косово


Меѓународните посредници во тројката на Контакт групата на преговорите меѓу Белград и Приштина на дваесетти овој месец во Брисел ќе изнесат конкретни предлози за Косово. Ова деновиве го изјави Кристина Гаљак, портпаролка на еврокомесарот Хавиер Солана. На тој начин мисијата тројката, од посредничка ќе премине во поактивна фаза, од што и Белград и Приштина имаат различни очекувања.

Посредничката тројка најверојатно во својот предлог ќе вклучи некои од забелешките на Белград и Приштина на четиринаесете точки што претходно им ги предложија на двете страни. Може да стане збор само за некаков обновен предлог за статусот на Косово, смета Душан Лазиќ од Форумот за меѓународни односи:

„Најверојатно Контакт групата ќе се обиде во своите ставови да вгради некои амандмани врз основа на досегашните преговори.“

Некои српски аналитичари сметаат дека е потребен поактивен однос на тројката со оглед на тоа што времето минува, а нејзината мисија, ако вака продолжи, ќе биде неуспешна. Но, за разлика од нив, членот на белградскиот преговарачки тим Горан Богдановиќ го доведува под прашање мандатот на тројката да игра поактивна улога од посредничката.

„Тројката нема мандат да предложи идно решение за Косово и Метохија. Ме чуди што Солана излегува со таква идеја.“

Меѓу предлозите што тројката би можела да ги изнесе во идната недела, според некои западни агенции, е и можноста идните односи меѓу Србија и Косово да бидат инспирирани со односите меѓу двете Германии, воспоставени со спогодбата од почетокот на седумдесетите години, што за српскиот преговрачки тим е неприфатливо. Се прецизира дека таквите односи ќе значат дека Белград ја прифаќа евентуалната независност на Косово. Ништо помалку од независност е ултимативниот став на косовските преговорачи:

„Косовскиот преговарачки тим е подготвен да одговори на секој предлог или идеја, што не значи дека сме подготвени да прифатиме нешто што е помалку од независност. “

Вели портпаролот на преговарачкиот тим на Косово Скендер Хисени, потсетувајќи дека со почетокот на сто и дваесет дневните дополнителни преговори меѓународната тројка немала и мандат да предлага решенија. Тој исто така повторува дека Косово не е подготвено да се ангажира во каков било процес што би продолжил по десетти декември кога тројката треба му поднесе извештај за преговорите на генералниот секретар на Обединетите нации Бан ки Мун.
XS
SM
MD
LG