Достапни линкови

Истражните органи треба да настојуваат да го завршат случајот, посочуваат експертите


Пред речиси четири месеци кога Арбитражниот суд во Париз ја донесе одлуката држава да и плати на ОКТА отштета од 54 милиони долари плус камати, владини преставници изјавија дека ќе се бара одговорност и од оние што го потпишале штетниот договор и од оние што го раскинале. Тоа си го работат надлежните органи изјавуваат сега од владата. Иљми Сељами од Антикорупциската комисија вели дека постапката за случајот ја завршиле уште во 2003 година и покренале иницијатива до Јавното Обвинтелство за кривично гонење на лицата кои го склучиле договорот за продажба:

„Сега согласно новите моменти што ги има од договорот со ОКТА, Комисијата работи на случајот и се очекува многу брзо повторно да излезе со податоци како е добиена пресудата од париската Арбитража.“

И од Јавното Обвинителство велат дека предметот ОКТА прв пат го отвориле во 2003 година, но без никаков епилог. Од таму објаснуваат дека кога се актуелизира повторно случајот предметот бил преземен во одделението за гонење на сторителите на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата и за наводите во тек е вршењето на проверки. Од Јавното Правобранителство пак не успеавме да добиеме објаснување за тоа што работат во врска со продажбата на рафинеријата. Првиот човек на институцијата Оливера Китанова во интевју за нашето Радио дадено пред два месеци, вели дека во тој момент немаат такви планови, но доколку некоја од соодветните институции тоа го побара од нив во рамките на своите надлежности ќе постапи по иницијативата и барањето. Истражните органите треба да настојуваат да го завршат случајот до крај и да не бегаат од утврдување на одговорноста иако во него се вклучени лица кои биле активни во политиката, вели претседателот на Транспарентост Нулта Корупција Слаѓана Тасева:

„Проблемот е во самото склучување на таков договор, начинот на кој е склучен, периодите како се носени законите за да се овозможи склучување на таков договор, значи тука требаше да се бара одговорност на лицата кои што го склучиле договорот и евентулано откако ќе се утврди корупција да се пристапи кон поништување на таквиот договор.“

Вели Тасева и додава дека и во случај да биде утврдена одговорноста, парите за отштетата на крај сепак ќе ги плаќаат граѓаните:

„Најголема штета е на државата, односно на граѓаните. Наместо тие пари од буџетот да се трошат за нешто друго, тие ќе се трошат за плаќање на нечии бенифиции. Некој друг ќе се стекнува со имотна корист на сметка на сите нас.“

Во меѓувреме владата врз основа на мислењата на правните експерти кои што ги консултирала одлучи да не ја обжали одлуката на Арбитражниот Суд бидејќи немало правна основа за тоа.
XS
SM
MD
LG