Достапни линкови

logo-print

Мирјана Лазарова Трајковска, уставен судија. Уставниот суд трет во светот призна употреба на знаме на друга држава како знаме на заедниците


Госпоѓа Трајковска, не стивнуваат реакциите околу последната одлука на Уставниот суд околу употребата на знамињата на припадниците на заедниците. Двајца судии, меѓу кои и претседателот на оваа институција веќе си поднесоа оставки од функцијата. Се соочува и се соочуваше ли Уставниот суд со притисоци?

Повеќе форми на притисоци беа насочени кон Уставниот суд. Јас би рекла дека најголемиот притисок беше сознанието дека одлуката на Уставниот суд неознанета, необјавена беше коментирана, критикувана или на моменти од страна на некои експерти беше посочувано дека законот е укинат, дека е поништен, а одлуката беше објавена на 6 ноември. Тоа се форми на притисоци врз институцијата Уставен суд. Во основа одлуките на Уставниот суд, прво се читаат, се анализираат, а потоа се спроведуваат.

Госпоѓа Трајковска, поткопан ли е легитимитетот на Уставниот суд и дали тој е во криза?

Имаше повеќе коментари деновиве дека Уставниот суд нема легитимитет да одлучува. Овој состав на Уставниот суд веќе еднаш се соочи со ваква ситуација, кога недостасуваа прво двајца, а потоа тројца судии. Согласно деловникот на Уставниот суд, тој може да одлучува и со присуство на пет судии. Се разбира дека е важно за институцијата Уставен суд, девет судии да одлучуваат. Но, јас не би се согласила со констатацијата дека е поткопан легитимитетот на Уставниот суд.

Не беше ли заради тоа своевиден притисок самата оставка на двајцата членови на Уставниот суд?

За жал, многу погрешни интерпретации доби одлуката којашто послужи како повод за давање оставка на двајцата судии. Една одлука со која се утврди уставна заснованост на еден многу важен закон на Република Македонија. Една одлука, во која за прв пат Уставниот суд, на Република Македонија, за прв пат во однос на Уставните судови во овој дел од Европа, а како трет Уставен суд во светот, утврди во одлуката дека знаме на друга држава може да се употребува како знаме на припадниците на заедниците, се додека го изразува интегритетот и припадноста кон таа заедница. Такви одлуки имаат донесено италјанскиот уставен суд и словенечкиот уставен суд. Понатаму, интервенциите во делови од четири од одредбите во законот не значеа и укинување или поништување на тие одредби, а камо ли на самиот закон. И главната интервенција на судот во однос на законот е токму во изедначувањето на можноста за употреба на знамињата на припадниците на заедниците и ние упорно повторувавме во овој меѓу период дека уставниот суд не бара симнување на ниту едно знаме, напротив, особено пред општинските згради, покрај веќе поставените знамиња треба да се вејат и знамиња на другите припадници на заедниците кои живеат во таа општина.

Се појави дилема во јавноста, зошто токму сега оваа одлука околу законот за употреба на знамињата иако тој е донесен пред две години?

Овој закон беше донесен на 19 јули 2005 година и ние после тој неполн месец од донесувањето на законот ги добивме првите иницијативи во врска со оспорувањето на законот. Оваа одлука е резултат на поведена постапка на 6 јуни годинава. Значи, уставниот суд реши со решението на 6 јуни годинава и деловнички решението се доставува до доносителот на законот, до предлагачот на законот и тие имаат право, можност, во рок од 30 дена да се произнесат по решението. Тоа значи, дека Уставниот суд после тој рок може да пристапи кон донесување на одлуката. Делумно, поради годишните одмори, но и поради одредени отсуства на колеги на почетокот на септември, оваа одлука е донесена не во рок од 30 дена, туку во рок од 120 дена после тоа, тоа не е спротивно на деловникот на Уставниот суд. Меѓутоа, кога Уставниот суд веќе повел постапка тој треба и да ја заврши постапката и треба да донесе одлука по даденото прашање. Се работи за важен закон за Република Македонија и на овој суд му требаше време и простор темелно да ги разгледа иницијативите. И кога зборуваме за владеење на правото или за принципот на владеење на правото не може да зборуваме за тајминг, или го почитувате правото и Уставот или имате проблем.

Градоначалниците, но и претставниците на партиите од албанскиот политички блок веќе најавија дека нема да ја почитуваат одлуката на Уставниот суд. Ова воедно значи и непочитување на Уставот.

Јас сум убедена дека реакциите на градоначалниците ќе бидат поинакви откако ќе се исчита одлуката на Уставниот суд и откако таа ќе се изанализира. Меѓутоа, Уставниот суд интервенираше во делот на одредбите во членот 5 и 6, каде што се бара почитување на одредбите за употреба на знамињата на заеднииците во јавниот и службениот живот во единиците на локалната самоуправа. Овој закон утврдува казнени одредби во членовите 10, 11 и 12 и утврдува парични казни. Значи, се работи за прекршок и паричните казни се однесуваат на правните лица коишто нема да ги почитуваат одредбите од членовите од законот за употреба на знамињата на заедниците и во основа тоа се механизмите и формата на реакција во такви случаи.

Госпоѓа Трајковска ваша област е и заштитата на човековите права. Колку во Македонија има политика за сметка на човековите права во судските процеси?

Знаете што, заштитата на човековите права е исклучително комплексна и не подразбира само судска заштита на правата на човекот, туку таа започнува и претходно додека трае постапката која што ја спроведуваат истражните органи или полицијата, и мислам дека е исклучително важно политиката да има позитивен пристап во однос на заштитата на човековите права. Важно е да се почитиваат одредбите на законите, бидејќи сегашните закони во најголем дел се усогласени со Европската конвенција за човековите права. Во суштина, мислам дека мора да се гради еден многу попозитивистички пристап од страна на политиката и политичарите во однос на практикувањето на заштитата на човековите права. Се разбира, важни се тука и институциите и пристапот на институциите коишто ги спроведуваат законите, затоа што и најдобро осмислениот закон, најдобро нормираниот дел од заштитата на човековите права нема да има ефект ако институциите не најдат форма и начин да се спротистават на политиката, а да се концентрираат на почитувањето на законите и на она што е преточено во правото.

Презентиран е најновиот извештај на ЕК за Македонија и во него повторно бројни критики на сметка на судството. Каде ги гледате главните проблеми?

Се разбира дека не се исти состојбите. Направени се голем дел на придвижувања, но два значајни закони мора да бидат донесени и на нив посебно се посочува. На законот за јавното обвинителство и на законот за советот на јавните обвинители. Значи, сепак ние сеуште како да не сме ја довршиле легислативната рамка. Уште ја доградуваме, она што е усогласено, донесено, треба да се применува и практикува. Судовите и судиите треба да покажат практично дека реформите во Република Македонија веќе се спроведуваат. И од друга страна, треба да настојуваме да одиме чекор напред, да не добиваме извештаи, па на нив да констатираме каде ни се слабостите.

Во очекување на вашето заминување во судот во Стразбур, кои ќе бидат вашите предизвици?

Мислам дека за државата е важно да најде механизам за подобрување на ефикансоста на судството, но и да најде филтер механизам дома, овие предмети да не доаѓаат до Стразбур. Овие предмети овде да се решаваат. Но, како да ни треба малку повеќе простор и време за почитување на законите и на она што е преточено во правото.
XS
SM
MD
LG