Достапни линкови

Полицијата ги почитуваше сите стандарди при третманот на локалното население, рече Јанкуловска


Во акцијата „Планинска бура“ што ја спроведе Министерството за внатрешни работи во шарпланинските села Бродец, Вешала и Вејце загинале шест лица кои припаѓале на криминалната група која беше цел на акцијата. Нивниот идентитет како и идентитетот на уапсените МВР сеуште не ги соопштува. На страната на МВР нема повредени како ни меѓу месното цивилно население, информираше министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

„После добиените разузнавачки информации од теренот, посебни единици на полицијата утрово во раните утрински часови ја локализираа групата во која според сознанијата се наоѓале лица осомничени за сторени кривични дела кои се бараа по меѓународни потерници, кај нас и државјани на Косово. Покрај лицата од Косово според нашите разузнавачки инфромации кон оваа група се приклучиле повеќе лица кои имаат богато криминално досие и овде во Македонија.“

Криминалната група на Рамадан Шиити и Лирим Јакупи Нацист кои избегаа од косовскиот затвор Дубрава, броела околу 15-тина лица и кон неа се приклучиле и повеќе лица од Македонија познати на МВР по нивните криминални досиеја. Од неколкуте места од каде што било пукано на полицијата пронајдено е поголемо колучество оружје. Министерката Јанкуловска рече дека полицијата ја спровела акцијата почитувајќи ги сите стандарди особено во делот на третманот на локалното цивилно население кое според првичните информации на МВР ја поздравило акцијата. Евентуалното бегство кон Косово ќе биде спречено затоа што во рамките на соработката со безбедносните сили од косовска страна направена е целосна контрола на влезот и излезот во Македонија особено во овој дел, рече Јанкуловска. Во поглед на безбедноста на границата кон Косово, Јанкуловска додаде:

„Во поглед на мерките кои што се преземаат за обезбедување на државната граница во делот кон Косово, уште пред 10-тина дена зголемени се мерките на безбедност, зголемено е присуството на полицијата и подигнат е степенот на личната безбедност на полициските припадници кои работат на овој терен.“

ДУИ одржа вонредно претседателство на партијата на кое побара итно запирање на акцијата во тетовско и апелираше до меѓународните претставници во земјава да интервенираат во оваа насока. Оваа партија ги осудува како што се вели во изјавата, диспропорционалните мерки на полицијата против локалното население како и упадите на полицијата во домовите на поранешните припадници на УЧК во неколку скопски населби.
XS
SM
MD
LG