Достапни линкови

Потребно е преструктуирање на македонската економија за зголемување на извозот, велат експертите


Трговскиот дефицит од една милијарда долари во првите девет месеци од годинава, за македонската економија е голем и е доказ дека нејзината конкурентна способност сеуште е многу мала, коментираат економистите во земјава. Тие се едногласни дека проблемот не лежи во обемот на увоз, туку во структурата на извозот кој сеуште се состои од производи кои се продаваат ефтино на светскиот пазар и носат ниски приходи:

„Ние си ја плаќаме цената на тоа што имаме ефтин извоз, а увезуваме толку колку што се потребите,“

вели професорот Ванчо Узунов.

Лекот е да почнеме да извезуваме скапи производи, што подразбира дека македонската економија треба да работи на обезбедување за тоа:

„Треба да се работи на квалитетот на работната сила и на технолошката опременост на фирмите да произведуваат производи со поголема вредност, а не производи кои се резултат на ефтин труд. Лесно е да се каже одговор и мерките, а не се спроведуваат не знам од кои причини или се спроведуваат малку и споро,“

додава Узунов.

Професорот Зоран Ивановски пак вели дека на македонското стопанство му е потребно целосно преструктуирање, водејќи сметка за компаративните предности на државата:

„Значи, не треба само да се поддржува она што значи јадро бизнис или извоз на индустриски производи, туку и она што може да носи приход на подолг рок. Според мене треба да се размислува на извоз на услуги, како на пример, финансиски услуги, сообраќајни услуги, транспорт, шпедиција, осигурување, дури извоз и на образование.“
XS
SM
MD
LG