Достапни линкови

Пад од десет места на Македонија на светската топ листа на конкурентноста


Македонските производи сеуште неможат да се пофалат со добар пласман на меѓународниот пазар. Немањето стратегија, недостатокот од високо квалификувана работна сила која што би имала соодветно влијание врз унапредувањето на производите, високите давачки и трошоците се само дел од пречките поради што македонските производи се помалку конкурентни на глобалниот пазар, велат економските експерти. Професорот Томе Неновски објаснува:

„Вообичаено се смета дека инпутите коишто ги имаат нашите производители за извоз имаат доста висока цена, ако ги споредиме со други земји, посебно споредено со Далечниот исток што ја намалува нивната конкурентност,“

изјавува професор Неновски. Домашните стопанственици генерално ги потврдуваат истите проблеми на кои упатуваат и експертите. Се бориме, но понекогаш тешко е да се следат европските стандарди, вели Кирил Богоевски, стопанственик од областа на винарството.

„Пречки има, се појавуваме сега со нешто ново, а луѓето имаат слика за производите од претходно и сега ние мора да се бориме за нова слика,“

истакнува Богоевски кој сепак додава дека домашните вина успеваат како така да стигнат до светските пазари. Оваа година напредок во извозот забележа домашното земјоделство. Некористење на пестициди, и пакувањето на производите се главен услов за извоз:

„Во одредени региони кај нас има квалитетни производи и може да конкурираме во светот,“

вели земјоделецот Драги Мицковски.

Македонија иако земја препознатлива по квалитетот на млечните производи, во оваа област најтешко успева да се пробие пред се на европскиот пазар. Главен проблем е што европскиот пазар посебно се штити во оваа област, посочува бизнисменот од секторот млекарство Јован Дабевски:

„Главниот проблем што не сме конкурентни на европскиот пазар е што немаме извозни броеви за ЕУ. Имаме услови за добивање извозен број, но комисијата е од Брисел и тие се штитат од производи надвор од ЕУ.“

Според листата на глобалната конкурентност на Светскиот економски форум Македонија од 84 тото место на кое беше рангирана минатата година, оваа година бележи пад од десет места со што го зазеде 94-тото место.
XS
SM
MD
LG