Достапни линкови

Експертите не очекуваат промени во ситуацијата


Македонската позицијата за спорот со Грција е јасна, уставното име за меѓународна употреба и решение за билатералната комуникација со Грција, изјавуваат претставници на државниот врв во пресрет на денешната средба на посредникот Метју Нимиц со македонскиот и грчкиот претставник во Њујорк. Притоа, не сакаа да говорат за тоа што би се случувало по средбата или за очекувањата, велат само не може да се отстапи од уставното име, а во случај на нови предлози ставот ќе биде дополнително изграден. Стручната јавност не очекува промена на ситуацијата по денешната средба:

„Никој не очекува спектакуларен пресврт во оваа завршна фаза во разговорите за името во Њујорк. Мислам дека на сите им е јасно дека одат да направат еден последен обид да разговараат, меѓутоа нема да дојде до конечен или конкретен исход во врска со името, што сепак за нас значи продолжување на неизвесноста,“

изјави Билјана Ванковска, професор по меѓународно право.

За тоа што може да се очекува пак, во периодот што следи посебно до самитот на НАТО во Букурешт, Благој Сашов, член на собраниската комисија за надворешна политика вели:

„Се е можно, но факт е дека какво и да е друго решение кое ќе се предложи ќе значи отстапување од она што е наш идентитет и тоа ќе биде многу тешко да го прифати и не верувам дека кој и да е политичар во Македонија може да си го дозволи тоа, а притоа да остане на политичката сцена.“

Се проценува во иднина, притисоците кон Македонија само да се интензивираат, но дека е извесно да има и нов предлог:

„Нов предлог, вака како што стојат работите може да има меѓутоа тој ќе биде осуден на неуспех уште во моментот кога ќе биде изречен. Значи, фактот дека Република Грција не само што не попушта во својот став, туку нејзината позиција е сега многу помоќна од нашата. Ние овој проблем требаше да го завршиме многу пред членството во НАТО да стане реална опција. Сега во овој момент, ние сме во незавидна ситуација. Така што, не очекувам дека и евентуално новиот предлог ќе биде прифатлив за нас.“
XS
SM
MD
LG