Достапни линкови

Со три разузнавачки служби колку што има во Македoнија се губи на ефикасност, велат експертите


Со три разузнавачки служби колку што во моментов работат во државава, се губи на ефикасност. Мора да почне да се размислува за создавање на една здружена разузнавачка служба за да не се дозволи испреплетување на ингеренциите и да се постигне единственост и канализирање на информациите посебно во момент на кревка безбедносна ситуација поради процесот на решавање на Косовоскиот статус, коментираат аналитичарите од оваа област. Владимир Пивоваров професор на Факултетот за општествени науки и поранешен раководител на воената разузнавачка служба истакнува:

„Многу години наназад од странските пријателски служби, бидејќи ние сме мала земја нема потреба за опстојување на три посебни разузнавачки служби и затоа уште од тогаш ни предлагаа изготвување на здружен разузнавачки Комитет. Тоа е потребно од многу аспекти, не само од единствена информација доаѓање до државниот врв бидејќи сега ние имаме три служби, три инфромации од државниот врв.“

Според аналитичарите мора да се одстрани и влијанието на политиката во трите разунавачки служби кои во моментов функционираат во земјава, а тоа се воената која е под ингеренции на Министерството за одбрана, Агенцијата за разузнавање која е под надлежност на Претседателот и Управата за безбедност и контраразузнавање под ингеренции на Министерстовото за внатрешни работи. Иако познавачите коментираат дека трите служби ја имаат потребната соработка, сепак во интерес на Македонија би било добро доколку некој од надлежните се откаже од своите ингеренции и се постигне потребното обединување:

„Мојата замерка е во правец на политиката. Политиката малку повеќе сака да ги контролира тие служби од домен на она што нив ги интересира. Кај нас гледате во една влада се менуваат два-три шефови на служби, значи нема континуитет во работата.“

Вели Пивоваров. Освен обединувањето на разузнавачките служби експертите укажуваат и на важноста од донесување на закон преку кој ќе се регулира соработката меѓу нив. Сега тие соработуваат само врз основа на една одлука, укажува поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов:

„Ние сеуште немаме законска рамка, како и на кој начин да се остварува таа соработка значи повеќе е оставено на проценката, на потребите и поради тие причини долго време сега се сугерира да се донесе закон за основите на системот на безбедност.“

истакнува Трајанов. Инаку, токму денеска заседава Советот за национална безбедност на кој државниот врв ги разменува информациите од областа на безбедноста. Но, според експертите Советот се состанува повремено и затоа е потребно да се размислува за создавање на посебно тело во кое континуирано би се слевале разузнавачките информации.
XS
SM
MD
LG