Достапни линкови

Забелешките ќе преставуваат поттик за засилени активности, вели вицепремиерот Коневска–Трајковска


Извештајот од Европската Унија не може да биде позитивен или негативен, изјавија Вицепремиерката за евроинтеграции Габриела Коневска Трајковска и евроамбасадорот Ерван Фуере една недела пред објавување на документот од Брисел:

„Владата на Македонија во ниеден момент од позициите кои што ќе бидат објавени во извештајот нема да го доживее како за негативен. Владата на Македонија Европската Комисија ја смета за свој партнер, единствено она што ќе биде нотирано и што ќе биде позиционирано во извештајот ќе биде наша основа за следни засилени активности во области кои што ќе бидат посочени.“

„Нема такви квалификации, извештајот од Европската комисија како и секоја го претставува реалниот напредок што е направен во земјата и ги посочува областите во кои треба да се работи и да се стави акцент. Тој е водич за земјата во наредните 12 месеци, ја води земјата на патот за постигнување на стандардите и целите меѓу кои и добивањето на датум за почеток на преговорите за членство.“

велат Коневска и Фуере. Пред објавување на документот од Брисел медиумите веќе објавија некои делови од нацрт верзијата во кој има низа на критики за состојбата во земјава. Главните забелешки се немање на дијалог власт - опозиција, се спомнува инцидентот во Собранието што се случи на 25 септември, се посочува отежнатата кохабитација претседател - влада, бавно спроведување на реформите во судската област и слично. За инцидентот во Собранието Фуере денеска уште еднаш нагласи дека е потребо надлежната комисија да излезе со извештај, за да се има доверба во институциите. Со цел да и се помогне на Македонија на патот кон Европската Унија Коневска и Фуере потпишаа финансиска спогодба за Националната програма за 2007 година, во рамките на ИПА или Инструментот за претпристапна помош, како и рамковна спогодба за правилата за соработка. Првиот финансиски документ е за реформа во полицијата. Фуере истакна дека земјава од година во година ќе добива повеќе финансиски средства за 2007 нешто помалку од 60 милиони евра, за 2008 околу 70 милиони евра и слично.
XS
SM
MD
LG