Достапни линкови

ВМРО ДПМНЕ и ДУИ се договорија за спорните одредби, но сега негодуваат другите опозициони партии


Комитетот за односи меѓу заедниците законски се регулира, а предлог законот веќе се наоѓа пред пратениците. Токму составот на Комитетот што го спореше Демократската Унија за Интеграција, беше причина за излегувањето на оваа партија од Парламентот, и подоцна се најде меѓу барањата на ДУИ како услов за враќање во собраниската сала. Спорната одредба за избор на членови од припадниците на заедниците во составот на Комитетот, во новиот предлог закон е решена на тој начин што се предвидува на самиот почеток при поднесување на пријава за кандидирање за пратеник, кандидатот до Државната изборна комисија да достави изјава за припадноста на одредена етничка зедница. За ДУИ која преку работни групи со владеачката ВМРО ДПМНЕ го усогласуваше текстот на законот ова е прифатливо решение:

„Законот ги прецизира деталите кои пратеници и како можат да станат членови на Комитетот, така што секако дека нашата подршка ќе ја има бидејќи ние сме дел од тој закон.“

Истакнува Рафиз Алитиод од ДУИ. Законското решение за Комитетот ќе овозможи надминување на сите досегашни спорови околу употребата на бадентеровиот принцип, дополнуваат во ВМРО ДПМНЕ. Силвана Бонева координатор на партијата изјавува:

„Ќе овозможи во иднина да се отстранат сите недоразбирања и нормално да почне да функционира Комитетот за односи меѓу заедниците.“

Но, токму за оваа одредба за избор на член од заедниците што конечно ја усогласија ВМРО ДПМНЕ и ДУИ сега негодување изразуваат останатите опозициони партии. Власта повторно прави манипулации со тоа што одредбата за изјаснување на припадноста кон одредена заедница на кандидатот за пратеник, ќе важи од идниот собраниски состав, вели пратеникот од ЛДП Роза Топузовска Каровска:

„Се продолжува со злоупотребата еден пратеник при кандидатурата да се изјасни дека припаѓа на една националност, а потоа за да може да биде член, да се постигне Бадентеровото мнозинство да се изјасни дека припаѓа на друга националност.“

Освен оваа одредба во законот, опозицијата и со друга забелешка:

„Состанокот на Комитетот може да се свика и по барање на Владата, што е апсолутно противуставно.“

истакнува Каровска. Комитетот за односи меѓу заедниците одлучува за употребата на Бадентеровиот принцип преку кој треба да се оневозможи мајоризацијата на пратениците од редовите на националните малцинства, кај законите кои директно ги засегаат културата, употребата на јазиците, образованието, личните документи и употребата на симболите.
XS
SM
MD
LG