Достапни линкови

Експертите коментираат дека Македонија мора да покаже поголема офанзивност за решавање на спорот


Македонскиот преговарач во разговорите за името Никола Димитров на први ноември за кога специјалниот пратеник на ОН Метју Нимиц, ја закажа новата рунда преговори со Грција околу спорот со уставното име на Македонија, ќе ја реафирмира познатата и единствена позиција на државава за зачувување и одбрана на правото на уставното име и негова меѓународна употреба. Во спорот што за употребата на нашето име го има Грција, Македонија е подготвена да направи компромис и да прифати име договорено со медијаторот Нимиц, кое и за нас ќе биде прифатливо, а ќе биде исклучиво за билатерална употреба мегу Македонија и Грција, велат извори од државниот врв. Имено, во пресрет на преговорите за името државниот врв минатата недела оствари средба во која го повтори ставот за продолжување и интензивирање на напорите за надминување на билатералната разлика околу името со Република Грција. Генерално, експертите коментираат дека освен веќе дефинираната позиција за употребата на името земјава не покажува поголема офанзивност и активност на меѓународен план за решавање на овој проблем. Во оваа насока, Јана Лозановска магистар по меѓународни односи потенцира:

„Немаме стратегија, не знаеме. Ние имаме став дека сакаме да се викаме, сакаме да бидеме Република Македонија, но немаме стратегија во правец на тоа што ако ова се случи, што ако евентуално имаме вето, или да се предвиди и да се дејствува поинаку во одредена ситуација.“

Притисоците за решавање на спорот со името освен заканата за замрзнување на финансиската помош за инфраструктура во рамките на ЕУ од страна на Грција стануваат се посилни имајќи ја во предвид и очекуваната покана за членството во НАТО што земјава ја очекува од априлскиот самит во Букурешт. Според мислењето на експертите за нашата државава подобро би било проблемот со името да се реши пред членството во НАТО.

„Прво затоа што доколку влеземе во НАТО под ПЈРМ тоа значи дека остануваме ПЈРМ.“

Вели Лозановска. Освен недостатокот на стратегија од наша страна за поголемо лобирање и пофанзивна дипломатска активност, експертите велат дека не ни оди во прилог ниту немањето дијалог и потребна соработка мегу политичките претставници во земјава,

„И ова нема да биде воопшто лесно со оглед на актуелната ситуација на раскарани политички групи во македонскиот Парламент, па оттаму можеби ова ќе биде и еден сигнал на отрезнување.“

истакнува професорот од Правниот факултет Денко Малески.
XS
SM
MD
LG