Достапни линкови

Експертите препознаваат нарушени односи во владината коалиција


Инцидентот во Танушевци во кој загина еден припадник на полицијата, како и одлуката на Уставниот суд околу употребата на знамињата на припадниците на заедниците не влијаат врз односите во власта, тврдат во ВМРО ДПМНЕ и ДПА. Од двете партии демонстрираат заедничка определба за спроведување на зацртаните реформи, имплементација на Охридскиот договор и стабилизација на земјата, а за наметнувањето на таквата слика ја обвинуваат опозицијата:

„Случувањата не се поврзани со коалиционите партнери, затоа што тие во нив немаат свој субјективитет. Судската власт е одвоена од извршната и законодавната, а во вториот случај станува збор за напад врз институциите. Институции кои што заеднички ги градиме.“

„Заедно со коалициониот партнер сме решени да патуваме и реформите да бидат тие што не обединуваат како коалициони партнери. Ние цврсто стоиме зад тоа дека опозицијата во многу сегменти игра една улога на деструктивност.“


Изјавуваат Влатко Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ и Ружди Матоши од ДПА. Освен случајот Танушевци и одлуката за употребата на знамињата од Уставниот суд, во насока на односите меѓу партнерите во власта, се придодава и информацијата за поднесување на интерпелација од страна на ДПА за министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска поради неодамнешните инциденти во Собранието. Во ДПА ја отфрлаат ваквата информација:

„Ако бараме ние интерпелација, таа треба да подготви, да се соберат потписи од пратеници, а ние таков движење немаме.“

Посочува Матоши. Иако власта демонстрира единствено, експертите препознаваат нарушеност на политичките односи поради последните случувања, а според нив таквата ситуација се одразува и врз севкупните безбедносни и меѓуетнички состојби во земјата:

„Мора да се подвлече дека интензитетот на овие односи е по негативен отколку порано, а од другата страна расне етничкото незадоволство кај албанците во Македонија.“

Вели професорот Јетон Шасивари од Факултетот на Југоистична Европа. Со ваквото мислење се согласува и политикологот Дане Талески од Правниот факултет во Скопје:

„Поделбите кои што постојат во Македонија, особено меѓуетничките поделби имаат сериозно влијание и врз безбедноста и врз креирањето на политичките односи.“

истакнува Талески.
XS
SM
MD
LG