Достапни линкови

Експертите сметаат дека веќе е доцна бидејќи извештајот од ЕУ е изготвен


По враќањето од Париз претседателот Бранко Црвенковски официјално ќе го каже својот став околу поканата што преку писмо до него ја упати премиерот Никола Груевски во која го повикува на редовни средби што би се одржувале секој прв понеделник во месецот, а на кои би се дискутирало за како што стои во писмото од премиерот, стратешки прашања за државата по кои имаат споделени ингеренции. Иако сеуште се чека на официјалниот став, сепак од Кабинетот на претседателот повторуваат дека Претседателот на државата бил и останува постојано достапен и отворен за соработка за прашања од државен карактер и прашања што се од негова надележност. Оваа последна иницијатива која доаѓа од премиерот Гуревски, дел од експертите ја толкуваат како обид во последен момент да се демонстира кохабитација на две недели пред извештајот од Европската Комисија за Макеоднија и само неколку месеци пред самитот на НАТО во Букурешт и очекувањата на земјава да добие покана за членството во Алијансата. Иницијативата е задоцнета, вели професор Биљана Ванковска:

„Дефинитивно е задоцнета ако станува збор за поправање на оценката во очите на ЕУ, ми се чини дека извештајот е веќе подготвен, имаме толку големи минуси на наша сметка што ваквиот симболички гест нема ништо да поправи.“

Објаснува професор Ванковска која додава дека во пишување на писма не може да се види некоја искрена намера за вистинска соработка:

„Бидејќи нашите аспирации за НАТО и за ЕУ се сепак долгорочни јас би го почитувала ова како искрен гест или можеби менување на политичката култура но сепак се чувствува присуство би рекла на онаа хипокризија или неискреност, затоа што се додека си пишуваат писма во кои не се ословуваат со своите титули туку на извесен начин праќаат и негативна порака, мислам дека нема од тоа на што многу да се надеваме.“

Дека обидот да се покаже соработка е задоцнет кога станува збор за очекуваниот извештај од Европската Комисија, се сголасува и политикологот Алберт Муслиу. Но, наспроти Ванковска, Муслиу е на мислење дека е важно тоа што сепак е доставена иницијатива која може да се ги поправи односите, бидејќи вели следуваат и други извештаи до ЕУ :

„За овој годишен извештај во тој дел сигурно дека е задоцнета иницијативата. Но секако не треба поради тоа да не се започне со таква пракса, бидејќи ова се циклични извештаи, годишни, и работите што не се, треба да се поправат.“

Забележува Муслиу.
XS
SM
MD
LG