Достапни линкови

Одлуката ја разбранува битолската јавност која смета дека со ова се маргинализира битолскиот регион


Одлуката на Владата Битола да не се најде на трасата за изградба на гасоводот што ќе се изгради со средствата од клириншкиот долг од Русија ја разбранува политичката опозиција, стопанствениците и експертите во градот. Тие сметаат дека со тоа што гасоводот наместо во Битола заминува за Тетово, Југозападниот дел на Македонија повторно ќе се маргинализира. Локалната опозиција деновиве покрена иницијатива за промена на агендата за гасифакција и пренасочување на магистралниот гасовод кон Прилеп и Битола:

„Во архивата на локалната самоуправа поднесовме барање за свикување на редовна седница на Советот на општина Битола, со една единствена точка усвојување на Декларација за вклучување на Битола во изградба на капитални објекти финансирани од Владата на Македонија.“

рече координаторот на советничката група на СДСМ Марјан Танушевски. Предноста што другите градови ќе ја имаат пред Битола доколку бидат гасифицирани лежи во поевтиното производство што ќе ги направи поконкурентни, реагираат советниците:

„Во меѓувреме до советниците пристигнуваа серија на прашања и барања од страна на стопанственици во градот и луѓе кои што се заинтересирани за сериозен локален економски развој. Одлучивме да поднесеме иницијатива и со оваа Декларација всушност мислам дека ќе го свртиме вниманието на јавноста, поажурно и посериозно да го свати овој проблем.“

Како аргумент повеќе за промена на агендата за гасификација, советниците ја посочуваат и екологијата. Опозицијата ги предочува потребите од поздрава животна средина бидејќи регионот поради загадувањето од РЕК Битола е петта црна екоточка на Балканот, со огромен број на малигни и респираторни заболувања. Според вицепремиерот Зоран Ставревски во идниот период 62 милиони долари од клириншкиот долг на Русија ќе се потрошат за гасификација на Скопје, Тетово и поголемиот дел од источна Македонија.
XS
SM
MD
LG