Достапни линкови

Не постои добра основа за политичкиот дијалог, сметаат експертите


Во работата на анкетната комисија, всушност, само се пресликува севкупната состојба со политичките процеси во земјава и се покажува дека не постои добра појдовна основа за политичкиот дијалог. Ова е оценката на Лидија Христова од Институтот за социолошко политичко правни истражувања, откако Комисијата која треба да открие дали има виновни во политичка смисла за инцидентите во Собранието се соочи со пробивање на рокот, блокирање од страна на ДПА и претходно меѓусебно префрлање наместо соочување со одговорноста од страна на политичките елити.

„Преку работата на оваа анкетна комисија се гледа дека во нашиот политички дијалог има малку сенс за дијалог. И дека капацитетот на политичарите се покажува одново дека е многу сиромашен.“

Политичките субјекти остануваат на своите позиции. Реформите се користат за сопствена политичка битка, вели Христова. За Тања Каракамишева од правниот факултет во Скопје случувањата со анкетната комисија и бојкотот на ДПА се последица на неуспешно менаџираните политички процеси:

„Ако една партија која е на власт, не знае да контактира со оние кои се носители на власта, каде што е поделена самата власт, тогаш не знам како би можела понатаму да се инфлитрира во некои повисоки политички процеси. Значи, мора да пронајде конкретен политички дијалог, конкретен консензус што е тоа што ја кочи политиката во одреден момент и да се изнајде решение.“

За резултатите во спроведувањето на реформите и донесувањето закони кои се европски приоритети нотирани во агендата, неопходно е сите политички субјекти да ги надминат суетите, а потезите што се повлекуваат да не се користат најмногу во функција на сопствената политичка битка, додава Христова:

„Навистина е непримерно една држава толку време да се занимава со физичката пресметка во Собранието. Можеме да ја набљудуваме на еден или друг начин, но во секој случај тоа е минорна работа во однос на она што нас не чека во однос на политичката агенда што стои пред нас. Ние се вртиме во круг и двесетина луѓе гледаме со денови и денови, мислам дека сепак сопствените суети, егоизам треба да се стават во втор план во однос на она што претставува нивна улога и функција во системот.“

Политичките елити мора да изнајдат волја да ги менаџираат политичките процеси во рамките на институциите. Во спротивно институциите ќе западнат во легитимациска криза, вели Каракамишева.
XS
SM
MD
LG