Достапни линкови

Трета светска војна доколку на Иран му се дозволи да дојде до нуклеарно оружје


Американскиот претседател Џорџ Буш предупреди на Трета светска војна доколку на Иран му биде дозволено да дојде до нуклеарно оружје. На прес конференцијата во Вашингтон претседателот Буш изјави дека е против плановите на Турција да испрати војници против курдските бунтовници во северен Ирак.

Американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека можноста за Трета светска војна ќе се зголеми кога Иран ќе стане нуклеарна сила, бидејќи, како што рече, иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад постојано ја нагласува неговата желба да го уништи Израел:

„Ако Иран има нуклеарно оружје тоа ќе биде опасна закана за светскиот мир. Иранскиот лидер вели дека сака да го уништи Израел. Затоа на луѓето им порачувам: Ако сте заинтересирани да ја одбегнете Третата светска војна тогаш ќе мора да го спречите Иран да дојде до сознанија кои ќе му овозможат да направи нуклеарно оружје.“

Џорџ Буш изрази надеж дека рускиот претседател Владимир Путин ќе го информира за неговата посета на Техеран и за разговорите што тој ги имал со Ахмадинеџад. Претседателот Путин пред два дена во Техеран изјави дека не гледа докази за обвинувањата оти Иран се обидувал да дојде до нуклеарно оружје.

„Она за што сум заинтересиран е дали Путин и натаму со мене ја дели истата загриженост. Кога се сретнавме во Австралија тој ми потврди дека не е од светски интерес Иран да дојде во можност да развие нуклеарно оружје.“

Изјави претседателот Џорџ Буш. Тој на прес конференцијата во Вашингтон се осврна и врз плановите на Турција да испрати свои војници во Ирак со цел да ги уништи засолништата на курдските бунтовници кои од таму дејствувале во Турција.

„Јасно и ставивме до знаење на Турција дека не мислиме оти е од нивен интерес да испраќаат трупи во Ирак. Всушност, тие веќе имаат стационирани свои трупи во Ирак. Мислиме дека не е во нивен интерес да испраќаат дополнителен број војници.“

Турција почна да се оглушува на овие забелешки на Вашингтон откако Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом во минатата недела усвои необврзувачка резолуција во која се оценува дека ерменците биле жртва на геноцид кога милион ипол од нив биле убиени за време на Отоманската империја.

„Резолуцијата за масовните убиства на ерменците почнувајќи од илјада деветстотини и петнаесетата година е контрапродуктивна. Конгресот има многу поважна работа од тоа да се противи на еден наш демократски сојузник во муслиманскиот свет.“

Изјави Буш, барајќи од конгресмените да покажат претпазливост во врска со оваа резолуција која за еден месец би требало да се најде на гласање во Претставничкиот дом.
XS
SM
MD
LG