Достапни линкови

logo-print

Отсега па натаму времето во македонската популарна музика ќе се мери пред и по Тоше


Момчето има хармонајзер во грлото. Убаво ги паметам овие зборови, кои во летото, сега веќе далечната 1997 непосредно по неговата победа на „Мелфест“, безмалку едногласно ги кажаа Петар Димовски, Љупчо Мирковски, едниот музичар и дипломат, а другиот композитор. Нешто потоа, Бобан Милошевски од Авалон Продукција, како негов менаџер, носејќи го на интервју во Македонското Радио беше упорен во убедувањето дека Македонија е сведок на раѓањето на својата прва голема тинејџерска поп ѕвезда. И навистина не згрешија.

Тодор Проески, со само нему својствениот шарм, младешка енергија и огнот во градите ги рушеше бариерите. Со таква леснотија се справуваше со песните на Копров и Костов, што овие мајстори од ков ги натера од себе да го исцедат најдоброто. А, односот што го изгради со Огнен Неделковски, начинот на кој така умесно му легнаа неговите стихови, беше нешто, што дотогаш, ние проследувачите на музичките настани го немавме бележано.

Она што беше најфасцинантно во целата приказна, што митот за овој идол го исковаа неговите врсници. Генерациите, кои овде во земјата, раснети меѓу шундот од соседството и локалните полу фабрикати, им требаше песна македонска. Од љубов, умешност, вознесена, со радост за живот порадена. И крушевчанчето од чие грло ѕвонеа „Остани до крај“, „Твоите бакнежи“, „Солзи прават златен прстен“, „Излажи ме уште еднаш“, „Во коси да ти спијам“, „Руски рулет“, „Усни на усни“, стана нашиот Тоше, нашата гордост. Толку обичен и толку моќен. Оној за кој верувавме дека ќе ги помрдне планините и чиј чекор будно го следевме, овде дома и надвор, каде Македонија ја носеше во срцето. А, Тодор пак живееше со 300 на час. Го имаше на сцена, во студио, на промоции, на концерти, во родното Крушево и веќе следниот миг некаде по Балканот или во светот. Беше непосреден во средбите со обичните, со оние на кои им даруваше парчиња од својата душа. Со луѓето на кои никогаш не заборави дека треба несебично да им се помогне, но и со таквите кои од разни соображенија милуваат да се сликаат со него. Едноставно, модерниот Илинденец, стана обединител. И не само овде, зад плотов, каде поделбите ни се воздухот насушен, туку и во регионов. Нему љубовта му ја постилаа подеднакво во Србија, во Црна Гора, во БИХ, во Хрватска, во Бугарија. Балканот ја доби својата пејачка ѕвезда. А, тој пак, веќе се готвеше да го продолжи походот кон Европа. Влезе во студио со Џеф Бек, големиот британски и светски гитарски маг. Пееше и со Џана Нанин, италјанската поп дива. Живееше за снимањето на албумот за западниот пазар во Лондон. Но, ниту во еден миг не ги тргна мислите од Македонија, од своите корени, од своето хумано распостилање. На „Градски“ во Скопје собра 40,000 фанови. Како регионален амбасадор на УНИЦЕФ ја отпеа „За овој свет“ и непосредно пред заминувањето на својата публика пророчки и го дари „Игри без граници“.

Отсега натаму, во македонската популарна музика времето ќе се мери пред и по Тоше Проески. Но, така ќе беше и без да го повика господ во царството небесно. Нека ти е вечна слава!
XS
SM
MD
LG