Достапни линкови

Личност што никогаш нема да се заборави


Лошите вести патуваат побрзо од секавиците. Тоше Проески, ангелот од Крушево, единствениот наш пејач кому светските авторитети му предвидуваа блескава интернационална кариера несреќно го загуби животот. На пат. Помеѓу два концерта, две промоции. Неговата погибија не внесе во собата за тага, сите заедно. И не само овде дома, каде сеуште се свежи врисоците за неговот хуман подвиг на преполнетиот Градски Стадион во Скопје, туку и во земјите од овој разнебитен Балкан, каде да се биде Македонец, да се биде талентиран и успешен а притоа длабоко свесен за своите корени и сопствениот музички јазик било отсекогаш својно потешко. А, ете – нему му успеа. Се вивна високо, воден од огнот во душата, и згасна. Ги остави генерациите со кои раснеше со солзи во очите и неговите хитови на усните. Веројатно го повикаа горе, со песна да ги милува рајските градини. Замина во легендите, како и мнозина други коои предвреме прегореле. Наместо душа од човек, сега имаме мит и убави спомени.

Кире Костов, еден од неговите композитори:

„Личност што никогаш нема да се заборави. Генерации и генерации ќе ја паметат како човек којшто знаел и да дава, да почитува. Воспитан. Својата работа си ја вршеше најдобро, како што знае и умее.“

Трајко Симонов, музичар од придружниот состав:

„Пробувам да смислам зборови кои не се патетични. Душа од човек ми отиде од животот. Јас се надевам дека моите сограѓани ќе сфатат и ќе знаат колкава загуба е тоа за сите нас. Ќе ја слушаме неговата музика и ќе го следиме неговиот пример дека може некој толку страствено да ја сака музиката и притоа да ги натера сите други исто така да се чувствуваат.“

Весна Малинова, авторка на дел од текстовите на неговите песни:

„Ако некој човек бил чиста емоција, љубов, инспирација, и муза за секој музичар. Ако некој човек бил од господа пратен да ни ги нахрани душите, ако некој човек имал срце, тоа беше токму Тоше Проевски, прв и последен за Македонија.“

Валентино Скендеровски, продуцент и снимател на албумите:

„Ја загубивме најголемата ѕвезда што Македонија било кога ја имала, она што се случи на никого сеуште не му се верува. Цела Македонија плаче.“

Љупчо Мирковски, еден од првите кои го посочија талентот на Проески:

„Не ни било судено да имаме успешен човек што ќе не претставува надвор. Мислам дека тој беше еден од најголемите луѓе што можеше да ја претстави Македонија на сите континенти.“

И наместо збогум, ти благодариме за песните и гордоста што ни ја дари – јунаку! Македонија никогаш нема да те заборави!
XS
SM
MD
LG