Достапни линкови

logo-print

Според аналитичарите Конгресот доаѓа во време кога Кина напредува економски, но стагнира политички


Во Пекинг денеска започна Седумнаесетиот конгрес на Комунистичката партија на Кина, земја со милијарда и триста милиони луѓе и четврта економска сила во светот. Обраќајќи им се на повеќе од две илјади и двесте делегати, кинескиот лидер Ху Џинтао изјави дека владеењето на Комунистичката партија е од пресудно значење за земјата која се менува. Конгресот, според аналитичарите, доаѓа во време кога Кина напредува економски, но стагнира политички.

Партиските членови се очекува да ја одобрат истата основна политика што беше спроведувана во последниве пет години, односно: економија ориентирана на слободен пазар, комбинирана со цврсто еднопартиско владеење. Ова не значи дека Конгресот нема што да решава. Напротив, има многу работа во пополнувањето на дупките што се појавија меѓу овие две различни филозофии. Џозеф Чанг од Центарот за кинески студии во Хонг Конг вели дека Пекинг е свесен дека се можни немири во земјата.

„Кинеското раководство е свесно дека и покрај децениите на брз економски пораст, јазот меѓу богатите и сиромашните се проширил, а социјалните разлики се заостриле.“

Кршливоста на ситуацијата ја илустрираат и неколкуте немири што во последно време биле забележани во слеските подрачја. Во минатата недела во северозападната провинција Хсинџијанг дошло до судир меѓу полицијата и селаните кои протестирале поради ниските цени на памукот и притоа над четириесет луѓе биле повредени. Официјалните податоци покажуваат дека оние што живееат во градовите заработуваат за три пати повеќе од селаните. На Конгресот на комунистичката партија, според очекувањата на аналитичирите, ќе се барале начини и за зацврстување на централната власт. Имено, во моментов локалните партиски шефови се закон за себе и ретко и одговораат на централната власт. Што се однесува до раководството на партијата, јасно е дека претседателот Ху Џинтао и премиерот Вен Џибао ќе останат на функциите и во наредните пет години.

„Фокусот на овој партиски конгрес се чини ќе падне врз прашањето кои ќе бидат нивните наследници. Внимателно се следи кој ќе влезе во Политбирото што би значело дека се идните кандидати за раководните функции.“

Еден од нив е и пеесет и четири годишниот лидер на партијата во Шангај Кси Џинпинг за кој се смета дека е лојален играч на претседателот Џинтао. Од друга страна се повеќе има и такви кои бараат поголема политичка либерализација. Во весниците зачестија оценките дека таканаречниот советски социјализам бил трагична грешка и оти Кина треба да ја прифати Нордиската социјална демократија. Седумнаесетиот конгрес на Кинеската комунунистичка партија на кој Ху Џинтао најави модернизација на војската и понуди рака на помирување со Тајван се очекува да трае десетина дена.
XS
SM
MD
LG