Достапни линкови

logo-print

Причините треба да се бараат во обезбедувањето и нерешениот проблем со границата


Организираниот криминал предизвикан од нелегалното мигрирање и трговијата со луѓе се надоврзува на неразрешените проблеми поврзани со обезбедувањето на државните граници и особено нерешниот проблем со границата кон Косово, сметаат експертите. Со мотивот за заработување пак, ги објаснуваат неколкуте случаи во кои припадници на силите на КФОР на Косово во свои возила се обиделе да пренесат лица илегално низ Македонија:

„Останува главниот проблем како ние ќе си ја чуваме границата. Очигледно кај нас безбедносната граница не е подигната на она ниво и организираниот криминал фактички ја користи таа ситуација за големи заработувачки.“

вели криминологот Љупчо Арнаудовски. Случајот во кој учествуваше дипломат од Шведската амбасада за пренесување на пет члено семејство од Косово преку Македонија за Шведска, по извинувањето на шведската амбасадорка и според реакциите од МВР најверојатно нема да се вброи во обидите за криумчарење. Но, во извештаите на МВР е регистиран како класичен обид за криумчарење, обидот на 20 лица од Косово пред неколку месеци со шведски пасоши на туѓо име илегално да влезат во Македонија и оттука да се префрлат во Шведска. Сепак според извештаите на МВР најголем број од случаите на нелегално преминување на границата се регистирани на македонско-грчката граница предизвикано од албански државјани. Портпаролот на МВР Иво Котевски вели дека полицијата ја зголемува својата ефикасност на границата, но и додава:

„Херметичкото затворање на државните граници особено со конфигурација на теренот каква што е Република Македонија, е исклучително тешко, дури и невозможно.“

Од друга страна трговијата со луѓе од земја транизит Македонија ја претвора во земја за внатрешна трговија, вели Станка Марковска од Невладината Организација „Отворена Порта“:

„Тоа тргување со девојките според нашата пракса најчесто се случува на релација од Источниот кон Западниот дел, меѓутоа генерално може да се каже дека постои секаде иако сепак најзастапен е Западниот дел од државата. Она што пак дополнително загрижува е фактот што имаме намалување на старосната граница на девојките жртви, 14-15 години.“

Марковска посочува дека соработката на сите надлежни институции е добра и дека нивната активност во оваа насока е поголема.
XS
SM
MD
LG