Достапни линкови

Контролните тела мора да бидат независни, а не под контрола на владата, велат експертите


Нема борба против митото и корупцијата се додека јавните набавки ги контролира тело кое што е не е независно, туку е контролирано од владата, коментираат експертите кои поради ова велат дека ниту новиот закон за јавни набавки не покажува реална посветеност на властите во борбата против корупцијата. Експертот Вања Михајлова воедно и поранешен член на Антикорупциската комисија, објаснува дека со предвидената одредба во законот со која што се овозможува Владата да формира централно тело за набавки не се нуди независност и транспарентност во делот на контролата на јавните набавки:

„Треба Бирото за јавни набавки да прерасне во тело кое што е независно од Владата, само кај нас е во рамките на Министерството за финансии додека во сите други земји е независно. Исто така и Второстепенатата Комисија која што е исто така во Владата, мора да биде самостојна и независна, ако сакаме да имаме транспарентност при јавните набавки.“

Експертите посочуваат и дека во однос на манипулациите при јавните набавки, дополнителните механизми за заштита при нивна злоупотреба се минимизирани бидејќи ништо не се направи ниту во делот на намалувањето на дискреционите права на министрите:

„Дискреционите права треба да постојат, неможете сосема да ги исклучите, но треба да се знае под кои критериуми, под кои услови, што се треба да се исполни за да некој донесе одлука.“

вели Михајлова.
Во минатата година 2006-та над две и пол милијарди долари се потрошени при склучувањето на договори со непосредни спогодби. Место да се предвидат дополнителни механизми за заштита од вакви злоупотреби, новиот закон не го предвидува ова, реагира опозицијата:

„Значи досега Бирото за јавни набавки имаше еден вид контролна улога во постапките за јавни набавки, посебно при непосредните спогодби тоа даваше одобрение да одите со непосредна спогодба, сега ова се брише и нема повеќе кој да ја контролира таа процедура.“

Посочува пратеникот Марјанчо Николов од СДСМ. На сите овие забелешки во владата, односно во Министерството за финансии како предлагач на законот за јавни набавки, велат дека законот е транспарентен и согласно европските стандарди:

„Донесувањето на законот за јавни набавки се темели на обврките за усогласување на нашето законодавство, со законодавството на Европската Унија како и со општите принципи и начела на јавните набавки преку кои треба да се обезбеди слободна конкуренција во јавните набавки.“

Изјавува Мартин Мартиновски портпарол на Министерството за финансии.
XS
SM
MD
LG