Достапни линкови

logo-print

Статусот на Косово би можел да биде решен до самитот на НАТО


Статусот на Косово би можел да биде решен до самитот на НАТО кој ќе се одржи во април идната година во Букурешт. Ова во Приштина го изјави директорот на Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон Јанус Бугајски. Тој со други политички аналитичари учествуваше на конференцијата на која, меѓу другото, е оценето дека на Косово му претстои тешка работа, бидејќи решението на статусот е се уште далеку.

Време е Соединетите Држави и Европската Унија да донесат одлука за статусот на Косово врз основа на планот на Марти Ахтисари, е мислењето на одделни политички аналитичари на собирот што деновиве се одржа во Приштина. Јануш Бугајски, директор на вашингтонскиот Центар за стратегиски и меѓународни студии сепак оценува дека процесот на дефинирање на статусот нема да заврши годинава.

„Сметам дека статусот на Косово би требало да биде решен пред самитот на НАТО во април во Букурешт, односно дека тоа би морало да биде во периодот од три месеци по декемврискиот рок.“

Вели Бугајски, додавајќи дека не смее да има натамошни одлагања. Многумина други аналитичари предупредуваат на тешкотии и задоцнувања во процесот за решавање на статусот со оглед на потребата од постигнување согласност во меѓународната заедница. Британскиот експерт Тим Џуда наведува дека во наредните недели главната улога ќе ја има Германија.

„Во наредниот период улогата на Германија ќе биде од суштинско значење. Соединетите Држави соопштија дека ќе ја признаат независноста, но како што рече Визнер не оваа година. Британија и Франција ќе го следат американскиот став, но не без Германија.“

Оценува Џуда, предупредувајќи на последиците од еднострано прогласување на независноста, односно дека во тој случај би дошло до поделба на Косово. Аналитичарот од Белград Душан Јањиќ исто така смета дека статусот на Косово нема да биде решен годинава:

„По декември е можно Контакт групата и Советот за безбедност да преземат два чекора, да отворат мисија на Европската унија во Приштина и да предложат меѓународна конференција за статусот. “

Според Јаниќ, потребно е да се постигне компромис со Русија, бидејќи нејзиното економско присуство во Европа и на Балканот е факт кој не може да биде игнориран. Официјална Москва и натаму инсистира на временски неограничени преговори, а по разговорите со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, европскиот претставник во тројката Волфганг Ишингер ја изнесе идејата за можна конференција за Косово како онаа одржана во Дејтон во илјада деветстотини деведесет и петата година со која заврши војната во Босна. Ваквата конференција за Белград, според српскиот претседател Борис Тадиќ, е прифатлива, но доколку се одвива под закрила на Советот за безбедност на Обединетите нации. Во Приштина пак, преовладува уверувањето дека преговорите ќе завршат до десетти декември и оти нема да поддржат никакво одложување.
XS
SM
MD
LG