Достапни линкови

Косово нема потреба од паравоени безбедносни структури, оценуваат највисоките претставници на Косово


Највисоките претставници на косовските институции оценија дека повторното појавување на маскарирани и вооружени лица кои себе се нарекуваат Албанска национална армија не е добра порака и оти Косово нема потреба од паравоени безбедносни структури. Од друга страна официјален Белград оценува дека заканата за употреба на сила е обид за да се врши притисок врз преговорите за идниот статус на Покраината.

Ваквите оценки на Приштина и на Белград беа предизвикани откако на Радио телевизија Косово беше прикажана снимка на која Албанската национална армија објавува дека, поради најавата за враќање на српските сили на Косово, била принудена воено да се организира за да го спречи тоа. Претседателот на Косово Фатмир Сејдиу кој вели дека единствена информација што ја имал за АНА е снимката објавена на телевизијата.

„Косово нема потреба од вониснституционални структури. На косово дејствуваат легални безбедносни структури кои одлично ги извршуваат своите задачи.“

Оцени претседателот Фатмир Сејдиу. Премиерот Агим Чеку е на ист став и додава дека појавата на маскирани и вооружени лица не е добра порака за Косово.

„Косово ќе има свои одбранбени сили и ќе се брани на институционален начин. Граѓаните на Косово треба да ги поддржат органите за безбедност, бидејќи тоа е најдобар начин за одбрана на Косово, мирот и стабилноста.“

Изјави премиерот Чеку. Во косовската полициска служба пак, потврдуваат дека неодамна нејзините припадници имале судир со вооружени и маскирани лица, но оти тие биле криминалци. Од оваа служба најавуваат дека ќе реагираат во согласност со законот доколку се утврди дека станува збор за нелегалната формација АНА. Имено, УНМИК по еден вооружен напад на пругата Митровица, Лешак во две илјади и третата година ја прогласи Албанската национална армија за терористичка организација. АНА која се залага за обединување на сите балкански територии во кои живеат албанци во минатото ја презеде одговорноста за за неколку напади на Косово, во јужна Србија и во Македонија. Во Белград сметаат дека појавата на оваа вооружена група во јавноста е со цел да се заплаши српското население на Косово и обид за притисок врз преговорите за идниот косовски статус. ,,Верувам дека албанците не би сакале да се повторат мартовските настани,, оценува српскиот претседател Борис Тадиќ, мислејќи на деновите на насилните немири во март две илјади и четвртата година кога албанците напаѓаа српски цели на Косово. Во минатата недела една српска паравоена група се закани дека ќе врши напади врз УНМИК, КФОР и албанските институции доколку покраината прогласи независност од Србија.
XS
SM
MD
LG