Достапни линкови

Шампионот „Макпетрол“ против европската елита, „Окта“ во МБЦ купот


Серијата настапи на меѓународна сцена, кога се во прашање македонските спортисти, оваа недела ќе ја продолжат кугларите. Имено два наши клуба, со различни амбиции од денеска до недела ќе настапат во двете најквалитетни натпреварувања во куглањето, од кои поголема вредност има Светскиот куп во Гостин (Полска), каде Макпетрол ќе е дел од пресметката на 18 - те шампиони од исто толку земји на Стариот континент.

Силна конкуренција во која, нема сомнение, нафташите ќе бидат на големи искушенија. Сепак, иако тие сезонава имаат подмладен состав, тоа не е ништо ново за нив. Напротив, нашиот шампион години наназад важи за дел од европската елита, што се верува дека ќе се потврди и во Полска.

„Со оваа млада екипа очекувам да бидеме петто, шесто место и ако тоа го направиме мислам дека ќе биде голем успех за Макептрол. Мислам дека екипата е спремна и со одигрување на сите куглари максимално, мислам дека може да влеземе и меѓу четирите најдобри,“

вели Тодор Манев, кој ќе дебитира на европската сцена како тренер, што не значи дека дефинитивно ја заврши играчката кариера. Според планот, и тој ќе заигра на патеките во Гостин, но само за во одредени моменти да ги одмори наследниците, за кои има пофални зборови и од кои има големи очекувања и на клупски и на репрезентативен план.

„Веќе покажуваат поединци добри резултати. Сашо Тупурковски и Виктор Николовски може да ги истакнам.“

додаде Манев, чиј оптимизам не е присутен и во редовите на „Окта“, која во германскиот град Аугзбург ќе биде дел од МБЦ купот. Натпреварување во кое пред пет години во Осиек го освои осмото место, додека овој пат желбите се:

„Секој резултат, само да не се последните две места ќе биде за нас успех. Годинава сме ослабени, а околу 10 – 11 место се надевам дека ќе се пласираме,“,

изјави Борче Нестороски, тренер на ОКТА која во Аугсбург ќе се натпреварува со уште 13 екипи од исто толку земји.
XS
SM
MD
LG