Достапни линкови

Комисијата за избори и именувања прифати членови за РСС, опозицијата незадоволна


Додека лидерите на опозицијата Шеќеринска и Ахмети беа на одделни средби со претседателот Црвенковски, собраниската комисија за избори и именувања во исто време ги усвои предлозите за тројца нови членови на Републичкиот Судски Совет. Лидерот на ДУИ Али Ахмети откако излезе од средбата со шефот на државата, седницата ја оцени како директна провокација на опозицијата од страна на мнозинството:

„Исто така ја изразив мојата загриженост поради днешната неочекувана иницијатива да се изберат членовите на РСС, како одлука на мнозинството преземена без согласност и претходни консултации со опозицијата.“

Претседателот на СДСМ Шеќеринска пак, минатонеделните случувања ги поврза со денешната одлука за свикување на комисијата за да се спречи договор и компромис со опозицијата:

„Денеска со предлогот којшто го дава парламентарното мнозинство на Комисијата за избори и именувања, да се формира судскиот совет повторно со партиски војници и повторно без било каков разговор меѓу власта и опозицијата, се покажа дека всушност и Груевски и Тачи инсистираат судските реформи да се одвиваат како партиски реформи.“

И Ахмети и Шеќеринска, како што изјавија, побарале од претседателот да се разреши ситуацијата околу минатонеделните физички пресметки во парламентот и да се побара одговорност од заменик министерот за внатрешни работи Рефет Елмази и од претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски:

„Доколку не бидат преземени мерки за покренување политичка одговорност за заменик министерот за внатрешни работи и за спикерот на Собранието како личности директно инволвирани во инцидентите ние и натаму ќе го замрзнеме учеството на седниците на Собранието.“

„Заменик министер за внатрешни работи коишто го плаќаат граѓаните на Република Македонија, да ни ја дава, да ни ја гарантира безбедноста, тој ја наруши безбедноста во Собранието. Очекувавме Груевски до денеска да побара одговорност и од Љубиша Георгиевски заради хаосот на којшто му кумуваше во Собранието.“


На повискот на претседателот сите лидери прет утрешното заминување на Брисел да му реферираат за состојбите во државава, не се озва само претседателот на ДПА Мендух Тачи. Во низата денешни средби, последен во претседателскиот кабинет, пристигна премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
XS
SM
MD
LG